Пред одржувањето на настанот во среда – Седмиот генерален пленум „Автономна зона“, Студентскиот пленум планира нови герила акции.
Со транспаренти „Активирај се, реализирај се, студентизирај се“, „Знаење, Слобода, Вистина“, студентите ги продолжуваат своите активности во аулите на Правниот факултет, Филозофскиот факултет, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Природно-математичкиот факултет, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Факултетот за електротехника и информациски технологии, Технолошки-металуршки факултет и Машинскиот факултет при УКИМ.
Потсетуваме дека студентите укажаа на потребата од повторно освојување на Универзитетот, односно креирање на автономна зона.
Студентскиот пленум во описот на настанот закажан во среда, во 12:00 часот на платото на УКИМ, истакна дека одложувањето на примената на членовите од законот, е само прв чекор кон она што го бараат студентите – нов закон со кој системски ќе биде ревидиран концептот на високото образование.
Во аулата на „Јустинијан Први“ е закачено и платно кое беше истакнато од дел од професорите на тој факултет, пред три години, кога преку измени на Законот за високо образование се вршеше груб упад во автономијата на Универзитетот, велат студентите.