Во конкуренција на стотина современи автори од повеќе европски и светски земји, македонскиот поет Никола Маџиров е добитник на меѓународната поетска награда „Левур Литерер” (Levure Littéraire) за 2014 година, која се доделува од истоименото списание за современа литература и уметност со седиште во Франција.
Меѓународното жири се одлучи да ја награди поезијата на Маџиров која беше објавена на француски, англиски и кинески јазик. Меѓу неколкуте добитници се и автори од САД, Франција, Англија и Турција.
Поезијата на добитниците на наградата ќе биде објавена во посебна антологија која ќе се испечати во видна издавачка куќа во САД, а ќе се организираат читања и средби со авторите во неколку земји.
Маџиров досега ги има добиено меѓународната награда „Хуберт Бурда” за автори од Источна Европа чие жири беше предводено од Петер Хандке, наградата за современа светска поезија „ДЈС” во Кина, како и повеќе меѓународни книжевни грантови: „Маргерит Јурсенар” во Франција, „IWP” во САД, „ЛЦБ” во Берлин и др. Неговата поезија е преведена и објавена на над 40 јазици во педесетина земји.