Македонија е петта држава во Европа по стапката на смртни случаи поради загадувањето на воздухот со ПМ10 честички, додека околу 90 проценти од емисиите на сулфур диоксид доаѓаат од термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј, покажува најновото истражување на еколошката организација „Еко свест“ кое беше претставено на дебатата организирана од магазинот „Инбокс 7“ за загадувањето во државата.
„На годишно ниво Европа, овие здравствени влијанија ја чинат 482 до 556 милиони евра годишни, додека Македонија ја чини 22 милиони евра годишно“, изјави Јасмина Саид од „Еко свест“. Таа посочи дека годишно во Македонија поради загаден воздух од бронхитис заболуваат 60, и истакна дека бројката би се намалила на пет, доколку државата вистински ги примени европските закони во делот на екологијата.
Според Александра Бујаровска од Фронт 21/42, државата е наклонета кон загадувачите бидејќи според неа, загадувачите економски ја оддржуваат социјалната состојба во државата.
„Искрено не можам да се согласам со ставот дека во 21 век треба да чекаме дождот да падне за да ни го исчисти воздухот и дека треба да проведре ветрот и слично затоа што мислам дека тоа е тотално несериозно. Но, во контекст на преземањето мерки треба да се обрати внимание на сите фактори и на индустријата затоа што реално индустријата напредува. Тоа навистина се сериозни финансиски мерки кои треба да се преземат и полека се усогласуваат“.
Дебатата се претвори во дискусија за тоа чија е одговорноста зо досегашните високи стапки на загадувањето помеѓу Никола Јовановски претставник на Секторот за животна средина на Град Скопје и Анета Стефановска од Министерство за животна средина од една страна, и претставниците на еколошките здруженија од другата страна.
Од Град Скопје се правдаа дека преземаат активности за справување со овој проблем, како што е набавката на калциум магнезиум, средството кое треба да ја лепи прашината на асфалтот и на тој начин да го намалува загадувањето во урбаните средини. Сепак додаде тој, досега поради лошите временски услови, било невозможно да се примени новото средство.
Аријант Џафери , од „Еко герила“ истакна дека граѓаните немаат време бидејќи се зголемува бројот на случаи со рак. Тој вели дека можеби има закони според Европската унија, но ситуацијата на терен може да се спореди со Непал и Гана.
„Не сме виделе реакција од институциите за решавање на овој проблем. Направивме протести за кревање на свеста, но ниту една реакција од надлежните. Дадени се само ветувања и зборови“, забележа Џафери.
Револтиран од односот на надлежните кон граѓаните, своите искуства со загадувањето во Велес ги сподели Ненад Коциќ од „Вила Зора“.
„Дали државата ја научи лекцијата од Велес? Одговорот е не. Она што се случува во Скопје, во Тетово и во Битола е навистина жално. Дали институциите беа на нивото на коешто требаше да бидат во Велес, како што се министерствата, одговорот е повторно не. Здравјето на велешани не беше со првостепено значење, туку профитот и работата на фирмите“, рече Ненад Коциќ од „Вила Зора“.
Од Министерство за животна средина и просторно планирање пак, велат дека досега интензивно се спроведуваат мерките за заштита на воздухот врз основа на досегашните анализи од истражувањето за загадувањето на воздухот од концентрациите на ПМ 10 честичките.
„Во конкретност сме хармонизирани со сите земји на Европската Унија како што се различните вредности интегрирани во другите земји, такви значи гранични вредности веќе подолго време постојат и во нашата држава за разлика од некои други балкански држави“, вели Анета Стефановска.
Сепак, таа потврди дека сегашните мерки не можат да се сметаат како долготрајни, туку се потребни нови, но за тоа според неа е потребно време и финансии.
Претставниците на еколошките здруженија посочија дека немаат доверба во државните органи. Сметаат дека обврската за покревање на свеста кај граѓаните е нивна, но одговорноста за одложување на роковите за поставување на филтри кај индустриските капацитети е на државата. Организациите посочија дека не треба да се занемарат и останатите честички кои се слични на ПМ 10 честичките, а кои можат да бидат уште поопасни за здравјето на граѓаните.