Министерството за финансии, Генералниот секретаријат на Владата и Министерството за внатрешни работи ја предводат „црната листа“ на најнетранспарентни институции направена врз основа на анкети со новинарите за неодговарање на барањата поднесени по Законот за слободен пристап до информации.
На листата која ја сочинуваат десет институции се најдоа и Министерството за култура, Фондот за здравство, Министерство за правда, Комисијата за спречување на корупција, Државниот Завод за ревизија, но и Министерството за здравство.
Во анкетата подготвена од Институтот за човекови права во рамки на проектот „Прашувај“, учествувале 45 новинари од 30 медиуми кои поднесувале барања за слободен пристап до информации при работата на истражувачки стории. Според анализата, новинарите имаат проблеми при добивање на информации од јавен карактер од институциите, не само на централно ниво, туку и на локално ниво.
Маргарита Цаца Николовска, Претседател на Институтот за човекови права и судија на Уставниот суд на Босна и Херцеговина вели дека во Македонија постои пирамида од молчење или недавање на информации од страна на институциите.
„Имаме молчење на институциите, делумно одговарање на нивните барања или давање на одговори по истекот на рокот од она што значи обврска согласно законот или пак на некој начин презентирање дека станува збор за класифицирани информации, без да дадат аргументи зошто се тие класифицирани информации. Новинарот понатаму треба да презентира дека не добил информација заради тоа што е класифицирана информацијата за да може граѓанинот сам да донесе суд што претставува класифицирана информација“, додава Николовска.
Новинарот Саше Димовски, раководител на проектот вели дека загрижува податокот колку малку од новинарите го користат овој закон. Анкетираните новинари од медиумите низ земјава, одговориле дека не го користеле законот или ретко го користат бидејќи според нив, законот го користат новинарите од Скопје кои работат истражувачки теми. Тие не го практикуваат затоа што следат само дневни настани и немаат време за други жанрови или пак наведуваат дека секојдневните настани не им оставаат простор за работа на истражувања.
Мала е бројката и на постапки иницирани од новинари пред Комисијата за слободен пристап до информации, која во три години донела 13 решенија по жалба на новинари.
Некористењето на законот од страна на новинарите, но и неодговарањето на институциите, на директен начин предизвикува штета на квалитетното истражувачко новинарство, а со тоа и на правото на граѓаните да бидат информирани, се вели во анализата.
Проектот е поддржан од Европската Комисија, а имплементиран преку Мрежата за добро владеење (Метаморфозис, Реактор и МЦЕО).