Работните групи кои треба да започнат со работа на креирање нов Закон за високо образование, по иницијатива на ректорот Велимир Стојковски ќе се сретнат утре во 16:00 часот во Ректоратот на УКИМ, потврдија за Радио МОФ од Студентски Пленум.
На средбата, освен претставници на УКИМ се очекува да присуствуваат и министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, како и студентите од Студентски Пленум и професорите од Професорски Пленум.
Првата средба која требаше да се одржи во Клубот на пратеници, беше откажана официјално поради други обврски на министерот Адеми. Неофицијално, средбата се откажа бидејќи студентите одбија да присуствуваат. Тие инсистираат разговорите за нов закон за високо образование да започнат на академска територија.
Окупацијата на факултетите на студентите кои се против новодонесениот Закон за високо образование со кој се воведува државниот испит во високото образование продолжува. Студентите бараат укинување на државниот испит, изработка на нов и квалитетен Закон за високо образование, како и подобрување на лошите состојби во образованието.