По повод Светскиот ден на социјалната правда, денеска (20 февруари) иницијативата „Социјална правда сега!“ организира проекција на документарни прилози за социјалните права и дебата со граѓаните на Штип. Во фокусот на ова одбележување на Светскиот ден на социјалната правда во Македонија се текстилните работнички и работници во Штип.
На Плоштад Слобода во 17 часот и Плоштад на пријателството во 18:30 часот, ќе има видео проекција која, меѓу другото, ќе содржи сведоштва на вработени во текстилната индустрија во Штип, анкета со граѓаните, како и низа изјави од експерти за социјална правда и човекови права, градоначалникот на Штип, Илчо Захариев, претставници на граѓанското општество и германската амбасадорка Кристине Д. Алтхаузер.
По проекцијата, ќе има отворен микрофон на кој сите присутни се поканети да поставуваат прашања, да коментираат или да споделат искуства и информации со јавноста. На овој настан се поканети претставници-чки на организациите-членки на Иницијативата кои ќе одговараат на прашања од областа на социјалната правда и за човековите права и слободи воопшто.
Организаторите ќе постават и паноа на кои граѓаните ќе можат да пишуваат и ќе послужат чај за присутните.Иницијаторите ги повикуваат сите граѓански организации, групи и поединци засегнати со социјалната правда да ѝ се приклучат на Иницијативата.
„Социјална правда сега!“ е иницијатива на организации на граѓанското општество засегнати со растечките проблеми во сферата на социјалната правда во Република Македонија. Неа ја сочинуваат ЦИВИЛ – Центар за слобода и Македонска платформа против сиромаштија, во која членуваат 92 организации од целата земја. Активностите на иницијативата се состојат во јакнење на јавната свест и застапување на работничките права, синдикализмот, подобрување на легислативата за нивна заштита и нејзина доследна имплементација.