Окупацијата на факултетите ќе продолжи се додека не се исполни барањето на студентите да добијат потврда дека ќе почне да се пишува текст за нов Закон за високо образование, изјавија од Студентски Пленум на денешната прес конференција.
Вчера беше одржана средба на работната група формирана од Сенатот на УКИМ во која учествуваат двајца претставници на Студентскиот пленум и двајца претставници на Професорскиот пленум. На средбата присуствуваа и вицепремиерот Зоран Стравревски, министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми и заменикот министер за образование и наука, Спиро Ристевски. Според студентите, средбата немала одлучувачки карактер.
„Ние го изнесовме нашето клучно барање, а тоа е нов текст на Законот за високо образование, за што беа изнесени аргументи. Средбата заврши со договор да имаме следна средба и не беше ништо одлучено. Секоја од четирите преговарачки страни требаше да се консултира со својата база за да се дојде на следна средба со заклучоци. Средбата и на почетокот беше предвидено да ја одреди формата со која би се пишувал тој нов закон, но најпрвин треба да поминат аргументите за нов закон за високо образование. Синоќа на генералниот пленум беше одлучено дека окупацијата продолжува и дека на следната средба се оди со аргументи зошто ни е потребен нов закон за високо образование“, изјави денеска студентката Ивана Туфегџиќ, претставник на Студентски Пленум.
Таа смета дека има простор за кооперативност меѓу страните кои преговараат, и студентите се надеваат дека на следната средба ќе биде заклучено дека веднаш е потребен нов Закон за високо образование.
„Нашето барање за новиот закон е да нема никаква форма на надворешно тестирање од страна на државата врз студентите, тоа е поткрепено со аргументот дека најпрвин треба да ги разработиме механизмите кои веќе постојат како Одборот за акредитација и евалуација, кои очигледно не си ја работат својата работа, за што добивме потврда и од самиот министер во неколку наврати. Кога ќе почне Одборот за акредитација навистина да евалуира и да каже што точно треба да се подобри за да се зајакне квалитетот на високото образование, не можеме до тогаш да зборуваме за надворешно тестирање на студентите, бидејќи студентите не може да бидат тестирани заради дисфункционалност на одредена институција“, додаде Туфегџиќ.
По вчерашната средба, ректорот Стојковски на новинарите им подели само штуро соопштение во кое пишува дека бил донесен заклучок да се формира работна група со претставници од сите засегнати страни, вклучително и од пленумите, која „во рок од 30 дена ќе изготви анализа на состојбите врз основа на која ќе се дефинира концептот на изработка на законски текст за високото образование“.