Битолчани конечно ги прекршија стереотипите на пасивни кафеџии и актуeлизираа многу младински прашања, што долго време не се осмелуваа гласно да ги кажат, пишува Марија Мерковска, координатор на МОФ-центарот во Битола, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.
Една долга и многу драматична година ги брои своите последни денови. Анализирајќи ги случувањата од почетокот на годината, целата ситуација наликува токму на драмско дејство, проследено со многу театралност и сложена структура.
Последните неколку седмици, се организираа толку многу настани, иницијативи, петиции, собири и состаноци што вродија со успех. На младите битолчани почна да им пречи загаденоста на воздухот, реформите во образованието, негрижата за животните, младинското вклучување во креирање на политики и по долго време почувствуваа дека ја имаат моќта да ги решат сите овие прашања. Битолчани конечно ги прекршија стереотипите на пасивни кафеџии и актуализираа многу младински прашања, што долго време не се осмелуваа гласно да ги кажат.
Македонското општество прави бебешки чекори кон постигнување на прогресивност, но сепак се случи таква година што на почетокот наликуваше на драма на апсурдот, но сепак полека се случуваа разни пресврти со сите елементи на драмското дејство:
Експозиција: Младите, посебна категорија што е тесно поврзана со останатите сфери од животот како што се: образование, локална самоуправа, здравство, вработеност, правда, итн. Секаде ги има младите, но всушност ги нема. Поголемиот број на млади се сметаат за немоќни да влијаат врз решавање на прашањата од кои се засегнати. Ликовите (младите) водат дијалог со себе, не се осмелуваат јавно да говорат за своите проблеми.
Заплет: Затворени фирми, фабрики, апатични и незаинтересирани млади. Излезот се гледа во бугарските пасоши и заминувањето во странство. Желбата за враќање е скоро минимална. Оние што заминале, сакаат да заборават на бедотијата што ја имале, на поминатите часови пред кабинетите на професорите, да добијат „незаслужена“ оценка, се разбира како подарок за Нова година.
Кулминација: Од младите само молк. Во кафулињата на Широк сокак деноноќно се прават стратегии како побрзо да се избега оттука. Интелектуалните мозоци отапеа од миење на чаши и мрзнење на студот да земат плата од Градски паркинзи. Апсурдот на релативизирањето оди до тој степен што младите не се сигурни дали се на вистинското место, во вистинското време, немаат планови за утре, туку за нив постои само денес.
Перипетија: Младите повеќе не молчат. Се собираат најпрво потајно, а подоцна со брзина на светлината се прифаќаат иницијативите за собирање на протести. Маса од млади луѓе, ни многу голема, ни многу мала. Земајќи ја во предвид претходната ситуација, сосема доволна. Тие почнуваат да се јавуваат на повиците за младински активизам, да се интересираат проблемите, да сакаат почист воздух, да ги заштитат животните, да имаат соодветно студирање, да соберат надеж за подобро утре. Општината сè повеќе се интересира за мислењата за младите и започнува поинтензивно да ги консултира за битни прашања и одлуки и го подржува поголемиот број на младински иницијативи.
Расплет: Младинските организации во средните училишта повторно заживуваат. Годишниот план на општината е побогат со активности поврзани со младински политики и по неколку претходни неуспешни обиди, формирано е претставничко тело на младите што ќе биде консултирано од страна на Општината во врска со сите младински прашања. Младите повеќе не молчат. Излегуваат на улица и си ги бараат своите права, се борат за својата иднина.
Минавме низ многу сите етапи на драмско дејство, но можеме да заклучиме дека успешно ја затвораме годината. Секогаш може и подобро. Подоброто ќе го оставиме за 2015-та. Горда сум што младите битолчани се разбудија и почнаа да го остваруваат сопственото право на слободно мислење, се здружуваат со сите млади на национално ниво и остварат заеднички цели. Ова е чекор напред кон намалување намладинската пасивност, намалување на сите бариери и добивање на улога како активни чинители во позитивните промени во денешното општество.
Верувам во подобро утре што ќе се постигне со искористување на потенцијалот на младите интелектуалци, затоа што сметам дека имаат многу да дадат. Верувам дека во нас е собран целиот потенцијал за успех, нашето активирање и обединување ќе ни помогне во остварување на нашата цел – самите да решаваме што е најдобро за нас, а не да бидеме ничија сенка.