Преку две илјади граѓани најавиле свое присуство на утрешниот протест со кој се бара одговорност од надлежните за смртта на малата Тамара.
Преку Фејсбук се најавува протестен марш насловен „Црвен картон за Тодоров“ кој ќе започне пред Фондот за здравствено осигурување, ќе продолжи пред Собранието, а ќе заврши пред Министерството за здравство.
Граѓаните бараат оставки од министерот за здравство, Никола Тодоров, директорите на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), Маја Парнарџиева-Змејкова и Џемали Мехази, од членовите на Управниот одбор на ФЗОМ, но и од членовите на првостепената и второстепената лекарска комисија кои одлучувале за случајот на Тамара.
Тие бараат и кривична одговорност за директорите, членовите на Управниот одбор и од првостепената и второстепената лекарска комисија на Фондот за здравствено осигурување, поради несовесно работење во рамки на својата служба и избор на независни и стручни одговорни лица во Фондот, кои ќе одлучуваат единствено во интерес на граѓаните, без да калкулираат со човечки животи.
„Бараме правда за Тамара, но и за сите граѓани, поради тоа што имаме право на живот! Избор на компетентен министер за здравство, кој ќе ги слуша и решава проблемите на пациентите. Квалитетен, ефикасен и достапен здравствен систем за сите граѓани на Р. Македонија. Еднаков пристап на сите граѓани до потребните здравствени услуги“, се вели во најавата за протестот.