50-те и 60-те години на минатиот век биле време на голема надеж за африканските народи. По децениска, а некаде и вековна колонијална потчинетост под големите сили – Велика Британија, Франција, Германија, земјите во Африка една по една, често низ крвави историски премрежја и револуции, се изборувале за својата независност.
Во овој период на екстремна самодоверба и политичка амбиција, во духот на осамостојувањето биле изградени десетици модернистички згради, главно проектирани и изведени од странски архитекти и стручњаци. Во најголем дел, овие градби биле резултат на големи државни вложувања и иницијативи – монументални парламентарни згради, маркантни централни банки, храбри универзитетски комплекси и огромни стадиони. Многу од градбите биле „проекти-миленичиња“ на новопоставените државни лидери, произлезени од револуционерните движења, а нивната намена често била пропагандна.
Овие денеска подзаборавени бетонски ремек-дела на архитетурниот модернизам се сведоштво не толку за трендовите на една ера и за мегаломанските амбиции на тоталитарните водачи, туку и за самата ера во која се градени. Таа за многумина жители на „црниот континент“ претставува убаво сеќавање и асоцира на силниот, оттогаш неповторен ентузијазам и надеж за подобар живот.