Меѓународното училиште НОВА, како еднo од 19-те меѓународни училишта од централна и источна Европа членки на CEESA (Central & Eastern European Schools Association), ќе организира меѓународен кошаркарски турнир за средношколки од 5 до 7 март во Скопје.
На турнирот покрај тимот на НОВА ќе земат учество и тимови од Меѓународното училиште од Белград, Србија (ISB – International School of Belgrade), Англо – Американското училиште од Софија, Бугарија (AAS – Anglo-American School of Sofia), Печерск меѓународното училиште од Киев, Украина (PSI – Pechersk School International, Kiev), Meѓународното училиште од Хелсинки, Финска (ISH – International School of Helsinki) и Меѓународното училиште од Братислава, Словачка (QSI – Quality School International, Bratislava).
Натпреварите од тунирот ќе се играат на терените во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во четврток и петок, и во спортскиот центар Кале во сабота. По завршувањето на натпреварите по лига систем (секој со секој), во сабота на 7 март ќе се играат завршните натпревари за освојување на 5-то, 3-то и 1-во место. За најдобрите тимови следуваат пехари и медали.
„На самиот турнир фер плејот се цени исто толку колку што се цени и умешноста и посветеноста во самата игра. Поради таа причина најголемиот трофеј се доделува на екипата која според гласовите на играчите и тренерите од другите тимови демонстрирала нај фер-плеј однесување и најпозитивен однос кон самата игра, кон другите тимови, кон судиите и гледачите. Ова е навистина престижен трофеј кој секоја екипа го посакува во своите витрини“, најавуваат од НОВА.
На крајот на турнирот исто така се прогласува и All Star Team кој го сочинуваат најдобрите играчи од сите тим. Влезот на турнирот е бесплатен.