Македонскиот институт за медиуми денеска ги додели наградите од конкурсот „Никола Младенов“ за најдобрите истражувачки стории во 2014 година.
Добитник на првата награда е новинарот Љубиша Арсиќ за серијалот истражувачки текстови на тема „Тајна фабрика за изработка на пасоши“, објавени во неделникот „Фокус“.
Втората награда ја доби новинарката Соња Колевска-Делевска за серијалот истражувачки текстови на тема „Силувањето малолетници во Воспитно-поправниот дом „Тетово“, објавени во дневниот весник „Вест“.
Третонаградени се новинарите Владо Апостолов, Сашка Цветковска и Нела Лазаревиќ за сторијата „Победникот на тендерот за Дрисла: ниту искуство, ниту инвестиции“, што е дел од заедничкото истражување на БИРН и ТВ Нова.
Комисијата одлучи да додели две пофалници за истакнат новинарски ангажман на Валентина Стојанчевска за сторијата „Дури 60 граѓани годишно по грешка лежат во притвор“, објавена во неделникот „Фокус“ и на Марија Митевска за сторијата „Земјиштата продадени, хотелите неизградени“ објавена на веб-страницата www.prizma.birn.eu.com
Комисијата додели и признание на новинарите Жаклина Хаџи-Зафирова, Владимир Калински и Влатко Стојановски кои ја истражувале актуелно горливата тема „Загадувањето на воздухот во Македонија“.
Извор: МИМ