Да се биде новинарка во Македонија богами не е наједноставната работа на светот. Исто како што не е наједноставната работа и на други места во светот. Едноставно, никогаш нема да сте доволно домаќинка, доволно мајка, доволно сопруга, доволно девојка, доволно ќерка и на крајот, никогаш нема да сте доволно новинарка, пишува Сашка Цветковска за Нова ТВ.
Во професијата ќе ви забележат ако сте премногу женствена, надвор од неа никогаш нема да сте доволно „секси“. Ако не родите, по автоматизам тоа ќе биде прифатено како продукт на вашата безобразна дрска амбициозност. Ма една проклета злобна кариеристка, која не може да ја исполни својата задача на светот да биде мајка, една полужена, која нема разбирање за привилегијата да одлучува за пород што ѝ ја дала природата.
А, ако родите, под знак прашалник секогаш ќе се доведува, иако не директно, вашиот капацитет за доволна посветеност на работните задачи. А ако и во тоа успеете да им докажете дека грешат, тогаш топката ќе се сврти на вашиот капацитет да бидете добра мајка. (Па, добро кој ѝ го чува детето на оваа, не е чудо маж ѝ што ја остави). Едноставно не може да сте повеќе мајка или повеќе новинарка, а најмалку од сѐ може да сте нечија „добра“ жена.
Разводите во новинарската фела се чести, а кај новинарките и малку почести. Се разбира, немам да ви понудам статистика, само впечатоци од моите лични и професионални познанства. Од нив научив дека тие немаат право на доволно „маж“ кој ќе им ја даде поддршката кон патот на личната и професионална реализација. А кој може да биде доволно „маж“ за овие супержени? Знаете ли дека поголемиот дел од нашите најеминентни новинарки се самохрани мајки?! Дека сите тие биле оставени со бебиња в рака уште на почетоците од своите бракови и ги подигале сами?! И на крајот направиле кариери, без морална, а често, па и пречесто и без законската парична помош.
Ги познавам и децата на овие жени, повеќето се веќе возрасни девојки и момци, паметни и прекрасно воспитани. И сепак, знаете што најчесто се зборуваше за овие новинарки низ ходниците на работа. Еве ќе издвојам неколку цитати: „Добро, бе, не сфаќам кога оваа му прави ручек на детето“; „Си фатила некој дечко, со него била на одмор, детено којзнае каде ѝ е“; „ А бе има среќа мајка ѝ татко ѝ што се живи, инаку што ќе излегува во петок или што ќе чмае на работа волку“; „Нормално дека ја оставил маж ѝ, караконџа“.
Во случај да станува збор за новинарка која, сепак, успеала да го сочува бракот, тогаш разговорите се движат во следниот правец: „Има среќа тој маж ѝ што е кроток, што ја трпи“ и познатото „да не се мајка ѝ татко ѝ….”.
Ако случајно некоја од колешките одлучи да се мажи по триесеттата, тогаш нема спас од неизбежното „нели и оваа се омажи, ќути… или „кој ја зема, кој се запусти“…
Ништо без чудење и ситна злоба. Досега никогаш не сум чула ова да се каже за наш колега – маж. Разведен или оженет, со или без деца нашите колеги однатре секогаш се посматрале едноставно како колеги, како новинари. За нив никој не се прашувал кој им ги чува децата, дали се доволно нахранети, доволно згрижени. Ако добиваат некаква помош од родителите, тогаш тоа е прифатливо, нормално. Ако имаат сопруга која е посветена на домот, за него нема да се зборува како за некој „што имал среќа“. Зошто? Затоа што, ете, тој е маж и нему тоа право му припаѓа.
Инаку, овие коментари доаѓаат многу почесто од колешки отколку од колеги. Некој ќе рече, па, ете, самите си се дискриминирате. Не, не. Тоа е целата поента на успехот на дискриминацијата, да го промениш мајндсетот на жртвата.
А сега, пред да бидам погрешно сфатена дека колешките „сами си се криви“, ќе споделам нешто околу последиците од системската дискриминација. Жените новинарки во Македонија се послабо платени (впрочем, како и жените новинарки во светот) од своите колеги. Барем така беше во А1 телевизија. Жените новинарки во Македонија тешко се одлучуваат да родат, затоа што поголемиот број од нив се лошо платени хонорарци без здравствено осигурување. Во процесите на одлучување во медиумите има повеќе мажи отколку жени, т.е. повеќе главни уредници од уреднички. Оти „газдите“ преферираат да разговараат со мажи.
Дури и пропагандава на власта повеќе милува „началници“ од „началнички“, повторно со ситни исклучоци (има една главна уредничка во Канал 5, ама сфативме од снимкиве дека таа ништо не одлучува, друг реди вести, друг струја исклучува, што значи пак „машка“ е работава).
А во која држава ние сме новинарки? Во земјата во која црквата повикува на прекин на еманципацијата и покорност на жената во семејството, во онаа во која власта и црквата заедно ја обвинуваат македонската жена дека таа е виновна ако се сотре македонскиот народ, оти таа, била проклета кариеристка, а не сопруга и мајка.
Во онаа земја во која девојките сѐ уште се мажат во договорени бракови. Во онаа земја во која сѐ уште е срамота да се пријави ќотек и силување. Во онаа земја во која некој си Тодоров одлучува кога и како јас ќе абортирам. Во онаа земја во чиј источен дел жените работат како шивачки и ги издржуваат своите семејства, оти тоа не било „машка“ работа, а нивните мажи ги пијат нивните крваво заработени пари во околните биртии.
Истата онаа земја во која во општина на 5 километри од центарот на Скопје сѐ уште нема гинеколог. Земјата во која сопругите на политичарите одат зад нив, агресивно и цврсто влечени за рака. (погледнете ги снимките на премиерот и неговата сопруга Боркица).
Во земјата во која право на „успешни“ кариери имаат љубовниците на функционерите – тие можат да се судијки, обвинителки, директорки на медиуми, разно-разни советнички. Таа е пораката која ова општество им ја испраќа на нашите девојки и девојчиња – или си нечија жена или си нечија љубовница. Процесот на индивидуална и професионална реализација смее и може да случува само ако е дел од нечиј машки сон.
Веројатно, да се биде новинарка во Македонија е исто како да се биде адвокатка, шивачка, продавачка, политичарка. Што се однесува до мојот новинарски свет, на моите млади и идни колешки ќе им порачам една работа – никако обесхрабрување. Ова не е „машка“ работа.
Сте чуле за Тамара Чаусидис, Биљана Секуловска, Јадранка Костова , Менче Точи, Мери Јордановска, Ида Протуѓер, Анета Додевска, Наташа Стојановска , Оливера Трајковска, Катарина Синадиновска, Зорана Гаџовска, Ана Петрушева, Маја Јовановска , Соња Колевска – Делевска, Сања Васиќ, Светлана Јовановска, Марија Митевска, Слободанка Јовановска, Кристина Озимец, Фросина Димевска, Пелагија Младеновска, Ирена Мулачка, Милка Смилевска, Александра Бубевска, Валентина Стојанчевска, Славица Филиповска и уште многу други (нека ми простат оти сум сигурна дека некого испуштив)? Ако не, под итно проверете, распрашајте се, просурфајте. Ова се новинарки мајки и новинарки сопруги и самохрани родители и само девојки, но чесни, талентирани и вредни професионалци. Но, има една многу важна работа во врска со овие жени, а тоа е дека во овие мрачни и тешки времиња за македонското новинарство докажаа дека да се има муда може и воопшто да не е машка работа! Храбри жени кои на Македонија и тоа како и требаат!
Автор: Сашка Цветковска
Колумната е преземена од порталот Нова ТВ