И денеска во неколку скопски средни училишта се одржаа протестни собири. Учениците веќе неколку дена по ред излегуваат во своите училишни дворови и го искажуваат својот револт против задолжителното полагање на математика на државната матура.
Денеска во Скопје се одржаа собири во гимназиите „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Георги Димитров“ и градежното училиште „Здравко Цветковски“. Како што појаснуваат средношколците од гимназијата „Орце Николов“, ова се мирни собири кои се организираат на паузата меѓу часовите, а чија цел е подигање на свеста на учениците.
Денеска на улица пак, излегоа учениците во Кочани кои му кажаа „НЕ“ на задолжителното полагање математика на државната матура. Вчера протестираа ученици во Кавадарци, а протести имаше и во Куманово, Штип и Струмица.
Како што информираат од Средношколски пленум, собирите се самоиницијативни, односно секоја гимназија индивидуално ги организира со цел да ја подигнат свеста додека чекаат одговор од надлежните институции.
Симона Туфегџиќ од Средношколски пленум потврди дека барањата се веќе доставени до Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и до Државниот испитен центар од каде што чекаат одговор. Од Пленумот велат дека во зависност од одговорот што ќе го добијат од надлежните институции, ќе одлучат на каков начин ќе продолжат со своите идни активности.