Ученици од велешките средни стручни училишта и гимназијата „Кочо Рацин“ заедно со родители и професори, денеска излегоа да маршираат во знак на протест поради новиот модел на државна матура и начинот на кој се полага екстерното тестирање.
Со извикување „Не сакаме екстерно“ и „Не сакаме математика“, тие најавија дека нивните активности ќе продолжат додека не бидат слушнати нивните барања, а од понеделник активно ќе се вклучи и Средношколскиот пленум. На маршот ги повторија барањата кои им беа пратени на надлежните институции од каде чекаат одговор.
„Фаворизирањето на краткотрајно меморирање на факти го обезвреднува сиот вложен труд на ученикот во текот на целата школска година, а притоа не се проверува критичкото знаење и квалитет. На овој начин, се девалвира успехот кој ученикот претходно го стекнал, а се анулира и трудот на Наставникот кој му помогнал на ученикот да го постигне тој успех. Сметаме дека резултатите добиени од овој вид на тестирање влијаат негативно на општиот успех на ученикот, и ја поразуваат целта поради која екстерното тестирање е првично воведено“, потенцираат учениците.
Учениците маршираа низ улицата „Благој Ѓорев“, а крајна дестинација беше Младинскиот парк каде се одржува музичка програма која ќе трае до 16 часот. За време на маршот, тие ги повикуваа своите соученици и граѓани да им се придружат во знак на поддршка.
Организатори на маршот беа средношколци, главно матуранти кои нагласија дека не примаат пари за организирање на протест како што пишуваше на плакатите кои еден ден пред маршот беа поставени на неколку локации низ градот. Тие остро ја осудуваат оваа, како што велат „негативна кампања“ против членови на Средношколскиот пленум која се прошири во неколку градови.
Вчера маршираа и скопските средношколци кои соопштија дека повторно доставиле барање до Министерството за образование и наука откако завчера им било одбиено. Тие најавија дека ќе продолжат со мирните собир пред училишните дворови во наредните денови.