Средношколците најавуваат два марша поради против екстерното тестирање и новиот концепт на државната матура, во среда во Тетово, во четврток во Струга.
Како што информираат од Средношколски пленум, во среда тетовските средношколци ќе маршираат од Плоштадот во Тетово до Работничкиот Универзитет каде што се наоѓаат канцелариите на Министерството за образование и наука (МОН), Бирото за развој на образованието (БРО) и Просветниот инспекторат.
Маршот е најавен како наднационален, надетнички, надрелигиски, непартиски, а од Пленумот апелираат тој да биде мирен, без говор на омраза, насилство и истакнување на национални и партиски симболи.
„Да кажеме „НЕ“ на лошите реформи во образованието кои од нас направија експериментални глувци. Имаме став, немаме страв! Приклучи се! Имај подобро и поквалитетно образование!“, се наведува во поканата за маршот во Тетово.
Во четврток пак, ќе маршираат средношколците од Струга. Тие ќе тргнат од Чаршискиот мост, по кејот и Мостот на Поезијата, за да се вратат и да го завршат маршот назад во Чаршијата.
„Средношколскиот Пленум организира Марш во Струга, по повод на воведувањето на математика како задолжителен предмет на државна матура, и воведување на електронски начин на полагање на истата. Освен тоа, Средношколскиот Пленум вклучително маршира и против екстерното тестирање“, се вели во поканата за маршот во Струга , објавена на Фејсбук.
Почетокот на двата марша е најавен во 12:30 часот.