Мултиетничкиот синдикат на образование (МЕСО) ги оценува како недоволни и половични резултатите од преговорите помеѓу Министерството за образование и наука и СОНК во врска со наградувањето и казнувањето на наставниците врз основа на резултатите од екстерното тестирање.
Откако МОН и СОНК соопштија дека се договориле да нема намалени плати за наставниците кои поради екстерното тестирање се најдоа на листата со најголеми отстапки при оценувањето на учениците, од МЕСО реагираат дека раководството на СОНК направило грешка со прекинување на штрајкот бидејќи според нив со тоа ја оневозможиле шансата за решавање на многу горливи прашања во сферата на образованието.
„Сакаме да ја информираме јавноста дека во делот на наградувањето на наставниците постигнатиот договор е полош од она што претходно беше законска обврска на Министерството. Односно, дека со наводниот успех им се намалуваат, а не зголемуваат правата на наставниците.
Имено, според информацијата која ја објави Министерството за образование и наука, најдобро рангираните наставници во наредните 9 месеци ќе добиваат по 10% повисока плата. Сакаме да потсетиме дека законските одредби кои беа на сила пред септември 2014 година, кога СОНК најави штрајк, предвидуваа на 20% од наставниците кај кои има најмали отстапувања да им се зголеми платата за наредната година за 15% од платата што ја примале (член 97 од Законот за основно образование и член 70-a од Законот за средно образование).
Наместо зголемување на платата во текот на 12 месеци, сега е договорено зголемување за само 9 месеци и наместо зголемувањето да биде 15%, договорено е да биде 10%. И тоа се претставува како успех на преговорите? Не е успех на преговорите кога ќе се договори нешто што е полошо од она што е законска обврска! Раководството на СОНК треба да има доволно доблест за она што е нивно отстапување во преговорите, да го каже за такво, а не да се труди да го затскрие преку недоволна информација пласирана во јавноста и во однос на своите членови“, реагираат од МЕСО.