Битолските средношколци се договорија – излегуваат на марш идната седмица

На вториот Средношколски пленум во Битола кој синоќа се одржа пред вратите на гимназијата „Таки Даскало“ едногласно е донесена одлука следната недела средношколците во Битола да излезат на марш поради незадоволството од реформите во средното образование и игнорирањето на нивните барања од надлежните институции.

Точниот датум не беше прецизиран на синоќешниот состанок, но учениците се договорија маршот да се одржи во работен ден.

Вториот пленум се држеше пред зголемено обезбедување побарано од страна на директорот на училиштето, јавуваат пленумци. Тие посочуваат дека со истиот изговор дека пленумот не е формално регистрирана организација, директорот на СОУ „Таки Даскало“ синоќа ги известил дека воопшто не го добил нивното барање за да ослободи просторија во училиштето иако тоа уредно му било доставено од средношколците.

Покрај средношколците, на пленумот во Битола присутни беа и студенти, наставници и професори кои учествуваа во дискусијата за конкретизирање на пленумските барања и идните чекори на средношколците.

Пред состанокот, битолските пленумци направија герила акција и ги објавија фотографиите на својот Фејсбук профил.

Л.Ф.