ФОТО: Нови плакати за оцрнување на Средношколскиот пленум

Флаери и плакати на кои лажно е потпишан Средношколски пленум повторно се делеа низ средните училишта. Овојпат на тапет се средношколците од Скопје и Неготино кои до редакцијата на Радио МОФ испратија фотографии од плакатите на кои налетаа утрово во своите училишта, а со содржина: „Ако не ние, кој? Ако не сега, кога? Ако не за Заев, за Сорос“ и „За секој експеримент се потребни глувци!Не дозволувај да експериментираат на тебе! Како Сорос со мене!“

Флаерите осамнаа во училиштата само еден ден пред најавените средношколски протести во повеќе градови , а поради новиот концепт на полагање државна матура и  незадоволството од екстерното тестирање. За протисоци пред протестите освен во Скопје и Неготино, јавуваат и средношколците од Велес, Ресен и Битола.

Ова е втора негативна кампања против Средношколскиот пленум. Минатата седмица се поставуваа плакати на кои стоеја имињата на најистакнатите членови на пленумот, а за кои се тврдеше дека земаат пари за организирање протести.

Тогаш Средношколскиот пленум остро ги осуди ваквите постапки и истакна дека „негативната кампања нема да ја сокрие вистинската слика за образованието во Македонија, таа само ја потврдува платформата на Пленумот која гласно говори за лошите реформи во образованието“.

Со сличен став се јави и Професорскиот пленум од каде посочија дека е срамно и подмолно на ваков начин да се повредува приватноста, односно дека ваквата постапка кон малолетни лица е недозволива и грозоморна.

J.J.