Денот на Мајкрософт посветен на НВО секторот кој вчера се одржа во Скопје имаше цел да им овозможи на претставниците на граѓанскиот сектор да се запознаат со можностите за добивање софтверски донации од програмата на „Microsoft Technology for Good“, за поддршка на граѓанскиот сектор. На овој настан , организиран од страна на Фондацијата Метаморфозис со поддршка на Мајкрософт, за прв пат беше објавена можноста за бесплатно добивање на „Мајкрософт Office 365“ за невладиниот сектор во Македонија.
Генералниот менаџер на Мајкрософт Македонија Стефан Плавјански истакна дека неговата компанија ја препознава важноста на непрофитните организации ширум светот и им помага со тоа што ја става на располагање најнова технологија.
„Така, во рамки на нашите програми за општествена одговорност ние ја креиравме иницијативата Technology for good за да придонесеме кон решавање на комплексните социјални и општествени проблеми. На тој начин, со давање на моќна технологија во рацете на невладините организации, веруваме дека може да ја поттикнеме нивната продуктивност, да ја зголемиме ефективноста, за да можат нивните услуги да станат достапни на што поголеми заедници и индивидуалци кои имаат потреба од нив“, изјави Плавјански.
Програмскиот директор на Фондацијата Метаморфозис Филип Стојановски потсети дека Метаморфозис по втор пат со Мајкрософт го организира Денот за соработка со НВО-секторот како дел од континуираните напори за градење на капацитетите на граѓанските организации, со цел тие да станат поефикасни, подобри и поактивни
„Во партнерство со Мајкрософт, Метаморфозис на НВО од Македонија, Косово и Албанија нуди можности за добивање легален софтвер во форма на донации. Платформата овозможува поголема независност на НВО кои може при планирање проекти да бараат и средства за софтверска поддршка, имајќи ги предвид ниските трошоци кои во вакви случаи се минимални и може да опфаќаат плаќање административни трошоци“, изјави Стојановски.
Платформата на Оffice 365 сега е достапна и за невладините организации во Македонија. Оffice 365 е платформа за комуникација и колаборација и е на располагање како донација за непрофитните и невладините организации. Платформата нуди: онлајн верзија на Office пакетот; простор за складирање и споделување на датотеки; e-пошта, контакти и споделени календари; интранет сајт за тимска соработка; неограничен број на онлајн средби, инстант пораки и HD видео конференции преку Lync; корпоративна социјална мрежа.
Мајкрософт последната година има реализирано софтверски донации во повеќе од 125 земји во светот, во вредност од повеќе од 940 милиони долари. Во Македонија во последнети две години се донирани повеќе од 800 лиценци на невладини организации во вредност од над 500.000 долари.