Хелсиншкиот комитет за човекови права повторно излезе со реакција за новопоставените летоци во Скопје и Неготино во кои учениците кои протестираат се поврзани со претставници на партиите во опозиција.
„Очигледно е дека летоците се во манирот на негативната пропаганда која од страна на власта се пласира во јавноста, за т.н. „внатрешни непријатели“ на Република Македонија како што се меѓународните фондации, невладини организации и претставници на опозициските партии“, се вели во соопштението од Комитетот.
Хелсиншкиот комитет за човекови права соопшти дека до него се обратиле и средношколци од градот Ресен кои биле мета на закани со насилство, обиди за поткуп и вршење притисок преку родителите.
„Конкретно, се работи за наводи за поткуп на средношколците и делење на минимален износ на парични средства доколку не излезат на денешниот протест. Младите луѓе наведуваат и дека им се заканувале доколку излезат на протестот дека ќе се соочат со поголеми последици како што се: исклучување од училиште, намалување на поведение, забрана за полагање на матура, исклучување од училишни екскурзии, затворање на вратите на училиштето и игнорирање на евентуална потреба од помош за полагање на екстерниот испит. Особено загрижуваат наводите за контакт со родители на децата во пленумот кои се соочиле со непристојни предлози како што се: отпуштање, па потоа понуда за враќање на работа како и вршење на притисок врз родители преку роднини кои што се членови на владејачката партија“, соопшти Хелсиншки.
Од Комитетот сметаат дека содржината во летоците претставува обид да се искористи моменталната политичка криза и дефокусира незадоволство на средношколците преку нивно поврзување со претставници на партиите во опозиција.
Хелсиншки смета дека за разлика од првиот бран на клевета и обиди за смеќавање на правото на слободно здружување и изразување, вториот бран директно ги партизира младите луѓе и со тоа повторно го повредува достоинството и угледот на секој кој ќе се осмели да се приклучи кон движењето.
Комитетот и претходно реагираше дека со ваквите постапувања е загрозена сигурноста на повеќе лица, спречување и смеќавање на јавен собир и насилство. Поради ова, Комитетот ги повика родителите да поднесат кривични пријави против директорот на училиштето кој ја злоупотребил својата функција за смеќавање на јавен собир преку закани и обид за корупција на младите, но и против сите други што на таков начин се обиделе да го спречат собирот на младите луѓе.
Поради зачестените закани упатени до средношколците, Комитетот најави дека со особено внимание ќе го набљудува протестот на средношколците најавен за четврток и однапред ги повика надлежните институции да преземат мерки за да им се овозможи правото на протест на учениците.