Цивил најостро го осудува притисокот и црната кампања која се води против учениците од средните училишта иако правото на протест е неприкосновено и заштитено со Устав и закон.
Од Цивил соопштија дека до нив пристигнале информации од Средношколскиот пленум и поплаки од родителите во кои се сведочи за постојаниот притисок. Притисокот, велат од Цивил, се состои и во заканите дека ќе ги избркаат родителите од работа ако средношколците не престанат да протестираат.
„ Изворите на Цивил говорат дека низ целата земја се врши силен притисок токму од оние кои се најповикани да се грижат за доброто на младите. Директорот на гимназијата во Битола им „објаснувал“ на координаторите на класовите дека вклучувањето во Средношколскиот пленум и учествувањето во протести не било добро за нив. Во Кавадарци се заканувале до учениците дека ќе добиваат неоправдани изостаноци, дека ќе мора да учат во сабота, дека ќе има и „други санкции“. Локални партиски активисти од УМС на ВМРО-ДПМНЕ се обиделе да го спречат средношколскиот протест“, се вели во реакцијата на Цивил.
Цивил ги охрабрува средношколците да се спротивстават на оваа валкана кампања која се води против нив и ги повикуваат да останат храбри и истрајни до крај и да не подлегнуваат на како што велат, црната пропаганда на власта.