Средношколците во Ресен и Неготино денеска излегоа на марш против задолжителното полагање на математика на државна матура и екстерното тестирање. Со тоа им се приклучија на своите соученици од неколку градови во државата.
Стотина ученици од сите генерации во општина Ресен и покрај, како што велат, бројните закани, денеска за првпат излегоа да маршираат.
Тие тргнаа од гимназијата „Цар Самоил“ по што се упатија кон општинската зграда каде со транспаренти „Имаме право на избор“, „Не за математика“ го искажаа својот револт за новиот концепт на матурата и начинот на кој се полага екстерното тестирање.
„Сметам дека имавме премногу закани и тоа што го направивме денеска беше одлично. Се надевам дека и понатаму ќе продолжиме“, изјави ученичка од Ресен за Радио МОФ.
За притисоците врз средношколците во Ресен и нивните родители денеска реагираше Хелсиншкиот комитет за човекови права. Според Комитетот, овие притисоци се загрижувачки и побара одговорност од надлежните институции.
„Особено загрижуваат наводите за контакт со родители на децата во пленумот кои се соочиле со непристојни предлози како што се: отпуштање, па потоа понуда за враќање на работа како и вршење на притисок врз родители преку роднини кои што се членови на владејачката партија“, соопшти Хелсиншки.
Во меѓувреме, средношколски марш се одвиваше и во Неготино, каде ученици со пароли „Избравме став, а не страв“, „Не за новите реформи во образованието“ се движеа од гимназијата „Св. Кирил и Методиј“ до општината од каде побараа средба со градоначалникот.
Меѓутоа, со објаснување дека градоначалникот бил на службен пат во Скопје, претставници на средношколците биле примени од лице вработено во општинската канцеларија на Министерството за образование и наука кому му ги претставиле своите барања. Тие за утре најавија уште еден марш кој ќе заврши пред општинската зграда.
„Очекуваме нашите барања да бидат прифатени и градоначалникот да не прими на разговор“, велат од Неготино.
Денеска маршираа и средношколци во Тетово кои велат дека нема да се откажат од своите барања и најавуваат дека и нивните протестите ќе продолжат. Досега маршови се одржаа и во Скопјпе, Куманово, Штип, Кочани, Струмица и Квадарци. За утре повторно се најавени во Скопје, Велес, Куманово, а за првпат и во Струга.