Денови ли се денови, средношколски маки големи – со стиховите од познатата поема на македонскиот писател Кочо Рацин, голем број на средношколци од речиси сите скопски гимназии и средни училишта денеска го искажаа својот револт против задолжителното полагање математика на матура и екстерното тестирање пред Министерството за образование и наука.
„Се обидовте да извршите директен упад врз едно од нашите права –правото на избор. Се обидовте од нас да направите сервилни конформисти кои ќе го поздравуваат вашето лицемерие. Се обидовте од нас да направите хомогена маса со помош на вашата демагогија. Се обидовте од нас да направите дворски шутови на вашето честито царство со закани од блиску сто години сургун и сто години робија“, се обрати ученичката Евгенија Јанакиевска пред своите соученици.
Со главната парола „Стоп за лошите реформи“, средношколците тргнаа од Градски парк каде им се приклучија ученици од „Раде Јовчевски-Корчагин“ и средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“. На маршот учествуваа и гимназиите „Никола Карев“, „Орце Николов“, „Георги Димитров“, средното градежно училиште „Здравко Цветковски“.
Сепак, пред да започне маршот, како што информираа од Средношколски пленум, на група ученици од гимназијата „Арсениј Јовков“ им биле затворени вратите бидејќи сакале да се вклучат во маршот за што била информирана и полицијата, а неколку ученици од гимнаизјата „Јосип Броз Тито“ се приклучија дополнително.
„Има три години пракса од екстерното тестирање и увидовме дека екстерното тестирање не вродува со плод и ние сме тука да го искажеме тоа и јавно испративме барање. Тоа треба да се испочитува бидејќи ова се луѓе кои развија критичка свест и увидоа дека три години нешто не оди. Истото се обидуваат да го направат и сега со математиката бидејќи не е начинот да се укине изборот. Ако сакаме да имаме развиено општество, треба да инвестираме во образованието и треба да инвестираме во почетокот, а не во крајот“, рече ученичката Моника Пешевска од гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“.
Тие поминаа покрај Владата извикувајќи „Уа“, по што се упатија кон Министерството за образование и наука каде викаа „Сега ќе не слушнете“, „Ние сме иднината“. После неколку минути скандирајќи пред зградата на Министерството, тројца претставници од Средношколскиот пленум беа примени во зградата за уште еднаш да ги остават барањата. Оттаму, како што велат, им било ветено средба со заменик министерот Спиро Ристовски во текот на наредната недела.
„Барањата веќе еднаш ни беа одбиени и ова е веќе вторпат како ги поднесуваме така што во принцип маршот покажува дека сме упорни и овие 3-4 илјади луѓе, како груба пресметка, покажуваат дека не се откажуваме и дека ова ќе продолжи се додека некој не ни го слушне гласот“, вели Ирина Банишка, претставник на Средношколски пленум.
Таа ги потврди притисоците и заклучените врати во неколку средни училишта во Скопје и во други градови.
„Имаше во неколку скопски училишта, исто и за вчерашните маршови што се одржуваа насекаде низ Македонија. Беа заклучувани вратите, учениците беа уценувани од директори, професори итн. Истите случаи сите беа пријавени во полиција и децата беа пуштени да излезат на протест“, рече Банишка.
На маршот, покрај средношколци присуствуваа и претставници од Студентски пленум кој вчера ја изрази својата поддршка. Воедно, Пленумот најостро ги осуди сите притисоци, закани и црни кампањи во обид да се спречи мирниот израз на револт на средношколците против наметнатите образовни реформи. Сепак, мал број на родители и професори маршираа со учениците.
„Професорите и родителите треба да бидат овде со учениците, а не да ги оставаат сами. Професори имаше многу малку, за жал. Се надевам дека наредниот пат ќе има многу повеќе и дека ќе се осмелат да бидат присутни на овој собир“, потенцираше професор кој сакаше да остане анонимен.
Учениците се револтирани поради, како што велат, игнорантскиот однос на институциите и најавија дека нема да се откажат додека не бидат слушнати и прифатени нивните барања. Истовремено, поголеми маршови се одвиваа и во Крушево, Кратово, Велес, Струга, Кавадарци, Куманово, а за утре е најавен во Струмица.
Емилија Петреска Ирена Чаушки