Светскиот ден на лицата со Даунов синдром се одбележува секоја година на 21-ви Март – симболично одбран датум поради трите копии на 21-от хромозом (трисомија 21) што се присутни во клетките на лицата со оваа состојба.
За овогодинешниот Светски ден на лицата со Даунов синдром, Трисомија 21 – Скопје во соработка со танцовиот клуб Dancers United MK, организира еднодневен инклузивен танц фестивал под мотото „Имам можности, имам избор“, на кој своите танцувачки способности ќе ги демонстрираат околу стотина изведувачи од Македонија, со и без попреченост, на различни возрасти и во различни танцови дисциплини (модерен танц, латино, народни ора, класичен балет).
Ќе учествуваат членови од повеќе танц-клубови и тоа од: Dancers United MK (меѓу кои и изведувачи со Даунов синдром) , Балетско студио „Балерина“, Културно уметничко друштво „Никола Јанков Вапцаров“, Студио за модерни танци „Break a Leg “ и Танцов Клуб „AQUA “. Идејата ни е да покажеме дека е важно на лицата со Даунов синдром да им се даде избор и можност да се изразуваат, со цел развој на нивните способности и целосно вклучување во општеството. Покрај домашни изведувачи, учество ќе земе и Сара Горди – актерка и танчерка со Даунов синдром од В. Британија, која со години е јавна личност и активно работи на подигнување на свеста за способностите на лицата со Даунов синдром. Таа танцува во рамки на иницијативата Culture Device Dance Project. Танц фестивалот ќе се одржи на 21.03.2015, во Театар Комедија, со почеток во 12 часот.
Со цел денот да биде вистински инклузивен, во 20 часот, во Концепт 37 (кафе-бар/изложбен простор на ул. Рузвелтова 37, Скопје) ќе биде организирано и Танц-караоке – отворен настан во кој може да учествува секој што сака да се обиде да се изрази преку танцување, а притоа сѐ што е потребно е да изведе кореографија на омилената песна. Целта е да се надминат бариерите кои ги поставуваат категориите – било да се тие во однос на способностите, возраста или танц-дисциплината.
Влезот и за двата настана е бесплатeн.