Практикантството треба да биде соодветно искуство за учење, со добар надзор и раководство, вели Јохана Ниман, претседателка на Европскиот младински форум (YFJ), платформа која претставува 99 младински организации од Европа.
Во интервју за Еуроактив, таа вели дека практикантите треба да имаат позитивна и поддржувачка работна средина со можност за развој на кариерата и идеално – работа на крајот на стажирањето.
Што сметате дека претставува висококвалитетно практикантство (стажирање)?
Висококвалитетно практикантство е она кое образува, кое му дава на младиот човек правилно учење. Практикантот кој прави кафе и фотокопира можеби звучи како клише, но тоа е премногу позната околност за многу млади луѓе. Доброто и квалитетно стажирање треба да биде структурирано,треба да содржи силни насоки од супервизори и ментори, практикантите треба да имаат договор во местото каде работат и ако тоа стажирање е надвор од образовниот систем, исто така мора да се плати! Ние треба да престанеме да дозволуваме практикантите да ги заменуваат вистинските работни места и да направиме праксата да биде отскочна штица за вработување, како што и треба да биде.
Дали Водичот за работодавачи за квалитетно практикантство, кој неодамна го издадовте, ги зема во предвид различните национални околности, приоритети и вештините на практикантите?
Водичот содржи алатки и практики кои може да се практикуваат во која било организација, без разлика на националните услови, законодавството или вештините и приоритетите на практикантите. Сакаме да покажеме дека не постојат оправдувања за некоја организација да понуди сиромашен квалитет на праксата, како и дека квалитетот може да се постигне без оглед на големината, специфичното национално законодавство и приоритетите на работодавачот.
Кои се клучните препораки за работодавачите и практикантите во водичот, за тие да имаат успешно искуство?
Во водичот, кој беше составен заедно со водечки компании, препорачуваме дека практикантствата се соодветно искуство за учење, и дека на практикантот треба да му се даде добар надзор и раководство, како и позитивна работна средина во која ќе постои можност за развој на кариерата и идеално – работа на крајот на стажирањето. Водичот дава многу примери за начини како да се обезбедат сите овие принципи – работи кои веќе се практикуваат во многу организации и кои покажаа дека имаат резултати.
Колку е тешко е да се убедат работодавците да ги следат овие нови насоки, особено кога тие се необврзувачки?
Овој водич, и добрите практики навистина не се обврзувачки. Сепак, ние се надеваме дека, со оглед дека овој водич е развиен со водечки компании и работодавци кои веќе ги спроведуваат во пракса овие видови на добри и квалитетни шеми, тоа ќе биде убедливо и за другите работодавци да ги препознаат придобивките од спроведување на слични програми за стажирање. Примерите покажуваат дека квалитетните програми за стажирање се „вин-вин“ и за практикантот и за работодавецот. Меѓу другите бенефиции, работодавачот добива отворен пат кон свежи и млади таленти и придонесува за развојот на младите луѓе и подобрување на нивната репутација.
Што планирате да се постигне со оваа иницијатива и какви се долгорочните цели на Европскиот младински форум во оваа област?
Нашата работа за подобрување на квалитетот на практикантска работа не застанува тука! Ние ќе спроведеме истражување за законодавството со кое се легулира практикантската работа и ќе продолжиме да ги шириме добрите практики со работодавачите. На пример, имаме започнато иницијатива со нашиот партнер, Здружението на европски брендови, наречен „вештини за иднината” преку кој планираме да ги охрабриме компаниите за користење на алатките како што е водичот, како и да се развијат нови, кои ќе им помогнат да ги подобрат своите практикантства.
Извор: euractiv.com