По првата бурна ноќ и апсењето, кокаински брзо раскажани во првиот дел од оваа приказна, следува „спуштањето“: потиштеност, депресија, интроспекција и опис на престојот на српските студенти во затворот во Флорида, престојот во самица и фамозното американско ТВ-судење.
Се разбудив во затворскиот ходник некаде околу 11 часот. Ричма лежеше на клупата во фетусна положба. Видара со уморен чекор се движеше накај автоматската чешма во ќошот, обидувајќи се да го освежи дехидрираното тело. Искубана црнкиња седеше на клупата недалеку од нас, ги држеше своите раце прекрстени на рамењата, се лулаше напред назад и мрмореше нешто неразбирливо.
Фактот дека заглавивме во американски затвор се пробиваше во нас постепено и капиларно. Вирусот на паника се прошири во сите ќелии, но како сè уште да требаше да се притисне фамозното копче – APPLY. И натаму постоеше искра во нас, последна трошка надеж дека доколку ова не било лош сон, наскоро ќе ја напуштиме оваа злогласна установа за одвојување на житото од плевелот.
Приемното затворско одделение, беше солидно пополнето напладне. Ѕвонеа телефоните на полицискиот пулт, англискиот џагор беше присутен по ходниците, а полициските обувки тропаа по мермерниот под.
На ТВ-екранот кој висеше на плафонот како глава на кобра, имаше двајца млади латиноамериканци. Рекламите се менуваа како подвижна лента- шаренилото беше хипнотизирачко, пејзажите пореални од реалноста, окото зајадливо ги посматраше пикселите.
Видар и јас гледавме на дистанца, изморени, уплашени, но на некој чуден начин празни. Не се сеќавам на ништо што сме зборувале, ако и воопшто сме зборувале во тие моменти. Зглобовите на рацете ме болеа од стисокот на лисиците, левото око ми беше крваво, а излупеното чело полека го добиваше својот крастав штит.
Ни дадоа пријавен формулар да ги пополниме податоците. Го разбудивме Ричма. Не се сеќавам на деталите од формуларот. Денес би требало да биде судењето. Така ни рече полицаецот синоќа. Денес би требало да излеземе одовде. Така ни зборуваше внатрешниот глас. Вечерва би требало да се смееме на сето ова и да им ја прераскажуваме оваа авантура на пријателите и потенцијалните сексуални партнерки. Како и да е, ништо страшно и не направивме. Само пијанка која излезе од контрола како куче пуштено од синџир, зар не?
Перке не беше со нас, бидејќи уште вечерта го однесоа во болница поради повредите од батериската лампа. Јас бев гладен. Во 12 часот добивме по лист салама, кашкавал и зелена салата помеѓу две парчиња леб, и две парчиња со путер меѓу нив кој имаше боја на свежо гомно. Од некои непознати причини, во затворот тоа го нарекуваа ручек.
Младиот црнец нервозно вртеше броеви на телефонската говорница која се наоѓаше во ќошот. Ричма изгледаше како да го притиснал копчето APPLY. Јас пробав да разговарам со полицајците кои се наоѓаа од другата страна на пултот и ги чекаа нашите пријави.
Get back behind the yellow line! – извика мустаќестиот полицаец. Жолтата линија беше затвореничка жолта трака. Видар го притисна копчето APPLY.
Во тој момент наиде добриот полицаец од синоќа, кој ни соопшти дека е недела и дека судовите не работат во недела. Момци, ќе морате да поминете барем уште еден ден овде, вашето судење е утре во 12 часот, рече добриот полицаец, исто како што би рекол и лош полицаец, си помислив во себе.
Додека ги соблекувавме нашите алишта и ги остававме приватните работи кај затворскиот магационер, облекувајќи ја темнозелената затворска облека, бев спремен да притиснам APPLY. На левата страна ја ставив затвореничката значка со слика и број и кликнав. Чувството кое ме преплави во тој момент не може да се објасни и опише, комуникацискиот ланец е пресечен со емпириски мотоцангли, ни останува нам/вам само интуицијата и креативното толкување на брановите на емпатија.
По ова, полицаецот ни ги стави лисиците и преку ходникот нè упати кон нашиот нов апартман. На патот дотаму застанувавме на секои десет метри за механички да се затворат челичните врати зад нас, а и да се отворат тие пред нас. Како да поминуваме ново ниво во видеоигрите. Отстрана ги гледаме затворениците во привремените ќелии. Тие се овде се или во притвор, или по казна или чекаат судење. Ги има меѓу пет и дванаесет во секоја ќелија, а поголемиот дел се црнци. Ги гледаме додека гомната ни се смрзнуваат како африкански фудбалер на подготовки во источна Европа.
Сцената се одвива во slow-motion, гледам пред мене, преку мене, исчистен од секакви кохерентни мисли. Се отвара нова врата, џагорот од ќелијата се меша со крцкањето од вратата. Полицаецот ни ги извади лисиците и ни покажа да влеземе внатре. Тогаш го доживеав еден од најшокантните моменти во својот живот, овој затвор беше како на филм. Веднаш штом влегов во просторијата, референците почнаа да заплискуваат по мојот залив на паника. Тројца студенти од Србија со крупни исплашени очи гледаат стереотипна сцена.
Во просторијата со големина колку сала за физичко образование имаше околу 40 затвореници. Во неа владееше виталност. Од левата страна се наоѓаше маса на која стоеше нашиот „старешина“, полицаец со капа, кој изгледаше како да излегол од Полициска академија: млад, висок, слаб и со желба за докажување. Тој ги контролираше случувањата и им наредуваше на затворениците како маринци спремни за испраќање на Блискиот Исток. (Назад во вашите кревети или ќе ве испратам во самица! Ајде побрзо!)
Десно, до него беа поставени столици на кои крупни, неретко ќелави белци со „јаречки“ бради играат карти. Над нив стоеше телевизор.
На левиот агол, на чиј крај се наоѓаа тоалетите и туш кабините, седеа црнци во фотелји. Во нив хипнотизирачки зјапаа два телевизора. На ѕидот кој го одвојува купатилото од просторијата за одмор имаше три прилепени телефонски говорници кои во тој момент сите беа во функција. Креветите на кат беа поставени по должината на ѕидот кој беше наспроти влезната врата.
Кога тројцата млади бледолики момчиња од Србија влегоа во просторијата, веднаш сите погледаа во нив. Полицаецот со капа не распореди до нашите кревети. Ричма и Видар се сместени на горните кревети еден наспроти друг. Јас завршив на горниот кревет подалеку од нив, а поблиску до тоалетот. Под мене лежеше стар црнец, помеѓу 50 и 60 години.
Во просторијата, во текот на слободното време сите можат релативно слободно да се движат и да комуницираат. За брзо време сите вперија поглед во нас, сакајќи да дознаат кои сме и зошто сме овде. Моите повреди привлекоа внимание. Станавме атракција, зрно забава во затворската монотона пустелија. Европа звучи егзотично како песочна плажа во подножјето на активен вулкан. Србија, евентуално, е некој топоним од Господарот на прстените.
Да, да, полицајците од овој округ се потполно луди, треба да ги тужите, рече еден весел црнец со виклер во косата. Причината за неговата хиперактивност ја дознав еден ден подоцна. Еден човек поради доброто однесување го преместија горе, каде условите се многу подобри. Изненадувачки ги освоивме симпатиите, сите не гледаа со насмевка и поддршка. Мислата за тоа дека позади грбот ги острат ножевите направени од четкички за заби, среќни поради новата роба, која мора да се проба, сепак се појавуваше како блесок меѓу куртоазното запознавање и проучување на новите цимери.
Почнав да ги вадам работите од малата мрежеста торбичка која ја добива секој затвореник, а во која имаше сапун, чешел, четка за заби, паста, перница, постелнина. Ќебето го донесоа подоцна. Меѓутоа, не ни стигнав да го наместам креветот и да ја рационализирам ситуацијата во која се наоѓам, бидејќи полицаецот дојде и ми кажа дека поради повредите сум преместен во болничкиот дел (запамтете добро – болнички дел). Ако го земеме предвид проблематичното одделение во кое се наоѓав, болничкиот дел ми изгледаше како отпуст, условен одмор. Замислував удобен, мек кревет, симпатична медицинска сестра со длабоко деколте, која со сунѓер натопен со јод ми го премачкува челото. Се поздравив со Ричма и Видар со блага насмевка на лицето, додека тие тажно ме гледаа. (Чао, другари, чувајте се.)
Повторно се најдов во ходникот со проклетите нивоа и механички врати. Од тој момент ситуацијата станува сè полуда. Штом излеговме во ходникот, ме врзаа со лисици за еден млад латиноамериканец, кој немаше повеќе од 18 години. Бараа од нас да се движиме покрај ѕидот еден позади друг. Очите на затворениците шараа по нас додека се движевме, а младиот латино американец изгледаше поисплашено од мене. Пред крајот на ходникот ни се придружи и црнкињата која викаше и скокаше, опирајќи им се на полицајците. Таа, сиротата, паѓаше на подот испуштајќи морничави звуци, очигледно беше дека кризира. Тогаш почнав да размислувам дека ова не е вистинско, дека е само живописна проекција на изморениот ум, посткокаинска конструкција на хиперреални луцидни соништа.
Се отвори и последната механичка врата која водеше до полициската гаража. Латиносот и јас се качивме на портабл скалите на задниот дел од комбето. Со мојот сопатник се гледавме збунето, споени со заедничките лисици на рацете. Имаше доста тетоважи на телото, бидејќи не знаеше ни еден збор на англиски, пробав на „касандра-шпански“ да го распрашам што му се случило и како завршил овде. Некако разбрав дека имал сообраќајна несреќа. Тој мене ништо не ме праша. Ниту знаеше како, ниту пак го интересираше. Човекот си имаше доволно свои проблеми. За тоа време, од женскиот дел на комбето се слушаа звуци на ранет ѕвер.
После петминутно возење стигнавме на местото, ме одделија од тетовираното момче и ме оставија во ходникот да чекам со друг полицаец.
„Што ти е со лицето, се правеше многу паметен?“, ме праша потсмевајќи ми се.
Му спомнав за бруталноста на полицијата без валидна причина, за кризата во демократијата, лицемерието во американската надворешна политика, давењето, студенскиот статус, европското потекло, сето тоа со бес во гласот и горчлив сарказам. А тој, смеејќи ми се, ми рече дека ова е Америка и мора да се почитуваат правилата, не криејќи ја желбата да ми удри шлаканица.
Тргнавме полека низ ходникот, ова ни најмалку не личеше на болнички дел. Поминувавме покрај old school ќелии со вертикални решетки, кревет и вц- школки. Белки нема да ме стават овде, си помислував.
Фала му на бога, тргнавме понатаму. Сега од двете страни имаше ќелии со големи челични врати на кои имаше отвор преку кој може да влезе само чинија со храна.
„Ова е вашата ќелија“, ми рече полицајецот, отварајќи ми ја вратата. Мора да ме зезаш, си помислив. Внатре имаше само челичен кревет, вц-школка и автоматска чешма. А болничкиот дел? А мекиот кревет, а телевизорот, а симпатичната медицинска сестра?
„Наскоро ќе дојде лекарот да ве прегледа“, ми рече и ја затвори тешката челична врата, оставајќи ме сам во самица со недоумица. Во паника.
Субјект во кутија
Тој ден во самица ми бил еден од најтешките во животот. Во самица сте, сами со себе. Буквално. Не можете да проектирате ништо надвор од тие четири ѕида. Вие сте во кутија, а таа кутија е дел од некоја поголема кутија која е цигла од која е изградена оваа институција, една од собите на законот.
Во таа соба на Законот, вие сте само број. Мртва буква на хартија. Неидентификуван труп. John Doe. Кој овде ме познава мене? Кого познавам јас? Можеби никогаш нема да се сетат на мене и да дојдат во оваа просторија. Можат да ме убијат и никој да не дознае што се случило со мене. Скоро никој и незнае дека јас сум овде. Јас треба да бидам во болничкиот дел. Зарем ова е болничкиот дел?
Такви мисли ми поминуваа во главата која ја наслонив на пешкирот, бидејќи немаше перница. Вечерата едвај и да ја чепнав, немав никаков апетит. Таа вечер во самицата сè ме достигна – и заморот и ненаспиеноста и повредите и апатијата. Единствениот прозорец во собата беше замачкан и изгребан, така што немав дури ни илузија за светлост. Некој се дереше во соседната соба која беше на десетина метри оддалеченост. Ја доближував главата до вратата за да добијам некаква информација или точка светлина. Дерењето продолжи уште некое време. Неколкупати ги слушнав чуварите како го претрчуваат ходникот. Дерењето продолжуваше. Овој пат беа двајца. Да им се придружам? Зарем тоа е се, животинско урлање како доказ на човечкото постоење? Зарем само тоа ни преостанува, беа дел од прашањата што ми се вртеа во круг во мојот ранет ум.
Во пет часот наутро, се запали светлото и ме понудија со доручек. Одбив, не бев гладен. Набрзо светлото повторно исчезна, продолжив да спијам. Утре е нов ден, утре е понеделник. Работен ден. Суден (судски) ден.
ТВ судење !
Чуварот ме разбуди некаде околу 12 часот за да ми го даде она што тие го нарекуваат ручек. Бев преуморен, искулирав и си продолжив да спијам. Пола саат покасно, чуварот се врати за да ме одведе на судењето. Веднаш скокнав од креветот. Тоа е тоа, си помислив, конечно заврши оваа фарса. Повторно се возев во комбе врзан со лисици. Овој пат бев сам, ме вратија во зградата од каде што дојдов и ме ставија во една ќелија за привремени затвореници. Таквите ќелии ги нарекуваат „танк“, а се состои од 4 камени квадрати на кои може да се седи и една вц школка.
Помеѓу затворениците беа и Видар и Ричма. Бевме среќни што повторно сме заедно, но и зачудени бидејќи Перке не беше со нас, не знаевме што се случило со него. Претпоставувавме дека го пуштиле на слобода, бидејќи полицајците се исплашиле од тужба поради повредите што му ги нанесоа. Така и испадна. Перке се разбудил во вистинскиот болнички дел, т.е. во болница, излегол и си заминал дома бидејќи никој не го запрел и не му побарал документи. Ричма, Видар и јас останавме да ги водиме нашите битки.
Во ќелијата беше гужва, седевме на подот со грбот наслонети кон ѕидот. Бев многу жеден, го замолив чуварот да ми донесе чаша вода, а тој рече дека ќе ми донесе. Помина половина час, мојата вода се уште не пристигна, го прашав повторно, а тој ми рече да не досадувам бидејќи наскоро ќе почне судењето.
По час и половина седење во ладната ќелија и полемиките со Ричма и Видар, за тоа што нè очекува, што ќе се случува, кои се нашите опции, стражарот нè повика и нè упати кон просторијата во која требаше да се одигра судењето. Во „судницата“ влегоа уште околу 10 затвореници и затворенички. Судската просторија беше 9×7 метри, а судењето во нашиот случај се одвиваше по виртуелен пат. Судијата го гледаш на ТВ екран, а сето она што може да биде употребено против тебе во микрофонот пред камерата. Америчкиот суд е тотален постмодернизам, бидејќи, нели, правдата не може да чека.
Присутните полицајци уште на почетокот не предупредија дека во судницата е многу строго и дека треба да молчиме за време на претресот, во спротивно секој ќе добие по 30 дена притвор, без оглед на судскиот исход. Судењето започна. Ги наредија обвинетите: семејно насилство, проституција, кражба, разбојништво. Судењето трае во просек од 5 до 7 минути, бидејќи капитализамот не може да чека. Твојата задача кога ќе застанеш пред говорницата е да го кажеш своето име и месечната заработка. О да, месечна заработка. Така да Escambia Country Jail компанијата има во предвид колку може да заработи од клиентот.
После 40 минути дојде ред на нас тројцата. Бидејќи станува збор за исто кривично дело, во пакет се најдовме пред тв-екранот, а судијката започна со прашањето : „What`s your income?“
No income, не работиме повеќе госпоѓо судике, кажавме ние тројца. No money. Добивме државен адвокат, еден стар чичко, чијашто задача беше да си ја заработи денешната дневница. Бесмислен човек, кој за малку со својот обид да не одбрани ќе не ставеше во поголема неволја.
Судијката започна со тоа какво е ова однесување во една таква света демократска земја каква што е Америка. Во смисла: вие дојдовте овде од Србија за да правите проблеми, вие имигрантски дивјаци.
Тужбата на Ричма беше нарушување на јавен ред и мир, а за која требеше да се плати кауција од 250 долари. Видар е обвинет за напад и неговата кауција изнесува 500 долари. Само јас имав две тужби, за упад на туѓ имот и НЕНАСИЛНО спротиставување во апсењето, а што значеше дека треба да платам 2000 долари за да излезам.
Не можевме да поверуваме. Видар не учествуваше во ништо, а му наместиле тужба за напад, а притоа не е ни позната жртвата на нападот. Пробав да прашам какво е тоа ненасилно спротиставување во апсењето и тргнав да ги покажам сопствените повреди како доказ за употреба на полициската бруталност, но судијката ме прекина и ми рече : „Добро внимавајте што зборувате, во спротивно ќе започнеме нешто, а не верувам дека би ви одговарало.“
Доделениот адвокат, бесмислена вреќа на мртов латински израз кој заработува по 100 долари од случај, во наша одбрана сакаше да каже дека приватна дискотека не е приватен имот, што практично испадна смешно, а судијката во истиот момент го замолкна.
Ние тројца бевме под налет на адреналин, во неверување што се случува и нестрпливост што ќе се случи. Не бевме психолошки спремни за ништо друго, освен пуштање на слобода.
Судијката одрече:
Ова не може да се реши денеска. Мораме да го почекаме полицискиот извештај и сведочењата. Следното рочиште го закажувам во среда, а дотогаш ќе мора да останете овде или да ги платите вашите кауции.
Требаше да се јавиме некому. Другарите на слобода. Газдарицата на станот, молдавката Кристина. Српската амбасада.
Не, нема да ја платиме кауцијата. Нема да ни ги вратат парите, реков јас. Ова е фирма, бизнис. Ќе чекаме среда.
[Продолжува]