Со години Финска е синоним за успешен образовен систем и на врвот на меѓународните листи за писменост и математика.
Политичари и образовни експерти од цел свет, вклучувајќи ја и Велика Британија, се обраќаат кон Хелсинки во надеж дека ќе ја откријат тајната на нивниот успех. Сега во Финска се планира спроведување на една од најрадикалните образовни реформи кои било кога биле преземени – замена на традиционалните „предавања според предмети“ со „предавања според теми“, пишува Индепендент.
Според финските експерти, поради масовното користење на компјутери, треба да се бара нов начин на образование кои ќе ги подготви младите луѓе за работниот живот во индустријата и модерното општество.
Лекциите според предметите, еден час историја наутро, па еден час географија попладне, веќе се заменуваат кај одреден дел од средношколците, со она што Финците го нарекуваат „феномен“ предавање, или предавање според тема. На пример, тинејџер кој учи во стручно (угостителско) училиште, ќе може да земе часови по „услуги во кафетерија“ кои вклучуваат елементи на математика, јазици (за разговори со странски клиенти), пишување и комуникација.
Други ученици кои би избрале теми како Европската унија, би учеле вкрстени елементи на економија, историја на инволвираните земји, јазици и географија.
Освен овие промени, ќе се менува и традиционалната форма на редици ученици кои седат пред професорот и слушаат предавања или пак се испрашувани. Наместо тоа, ќе се употреби колаборативен пристап, со кој учениците ќе работат во мали групи за да решаваат проблеми кои ќе ги подобрат нивните комуникациски вештини.
Марјо Килонен, образовната менаџерка на Хелсинки која ќе прави презентација за промените пред финскиот совет на крајот од месецот, вели дека се планира целата земја да го преземе новиот модел.
„Потребна ни е реформа на нашиот систем, за да ги подготви нашите деца за иднината и вештините кои се потребни за денешницата но и иднината. Имаме училишта кои учат на традиционален начин и ова можеви било корисно во 1900тата, но потребите не се исти и нас ни е потребно нешто што е адекватно за 21 век“, вели Килонен.
Засега, финските училишта се обврзани барем еднаш годишно да спроведуваат вакви предавања, кои може да траат неколку недели. Наставниците кои ќе го применат проектот, добиваат мало покачување на платата.
Во Хелсинки се туркаат реформите побрзо со тоа што училиштата се охрабруваат два пати годишно да го применат новиот пристап. Според планот на Килонен, предвидено е реформата, доколку биде усвоена, да се примени од сите училишта во Финска до 2020 година.
Извор: independent.co.uk