Група познати новинари инспирирани од студентите и пленумот како симбол за граѓанско будење и покренување акции за промена на состојбите во државата, формираа Новинарски пленум.
„Студентите како најпрогресивна сила во општетството со право станаа предводници на тие промени, на кои се приклучуваме и ние. Соочени со сложеноста на ситуацијата во државата во која информирањето на јавноста игра огромна улога, чувствуваме потреба да не стоиме на страна од случувањата и да ја потенцираме одговорноста во вршењето на новинарската професија. Во моментот со упад во професијата и злоупотреба на новинарските принципи се случува „злосторство во ударните термини”. Јавноста воопшто не е информирана за важни случувања од општествно политичкиот живот, таа е дезинформирана и изманипулирана.
Во овие вонредни услови на криза во државата, особено е сензитивна улогата на МРТВ како јавен сервис кој што не ја исполнува својата цел – почитување на јавниот интерес и информирање на граѓаните. Оттука, како Новинарски пленум потсетуваме на одговорноста особено на јавниот сервис во доставување непристрасни и балансирани информации до граѓаните со што има една од клучните улоги во разрешување или натамошно продлабочување на кризата. Не навлегувајќи во мотивите за злоупотреба на професијата, повикуваме дезинформирањето и пропагандата веднаш да запрат и да отстапат пред јавниот интерес и непристрасното информирање“, велат од новоформираниот Новинарски пленум.
Тие потсетуваат дека новинарите долго време се соочуваат со етикетирање и поделби во професијата на новинари кои наводно ја поддржуваат власта и оние кои ја поддржуваат опозицијата.
„Оваа прилика ја користиме да нагласиме дека ова се лажно креирани перцепции чија единствена цел е дискредитирање на интегритетот на нашата професија. Единствената поделба е на професионалци и непрофесионалци. Затоа остро се спротиставуваме на упадот извршен во професијата, а поддржан директно од владеачките структури. Истовремено, ги поддржуваме активностите на генерал Стојанче Ангелов за „ослободување” на „окупираниот” јавен сервис МРТВ и неговата иницијатива ја разбираме како граѓанска мобилизација во обид да се обезбеди уставно загарантирано право на граѓаните да бидат информирани, а не да бидат дезинформирани и изманипулирани или да им се ускратуваат важни информации. Во едно демократско општество партиципативната улога на граѓаните е суштинска во функционирање на таа демократија. Непрофесионалниот однос на уредничкиот тим во МРТВ доведува не само до продлабочување на кризата туку и до крајно понижување на професијата“, додаваат од пленумот.