Делчевските средношколци денеска ја бојкотираа наставата револтирани од тоа што оваа учебна година се воведува задолжително полагање математика на државна матура, како и поради начинот на полагање на екстерното тестирање. Тие со мирен собир во училишниот двор на средното училиште „Методија Митевски – Брицо“ го искажаа својот револт од како што велат, лошите образовни реформи.
Учениците за Радио МОФ посочуваат дека има притисоци и закани како кон нив, така и кон нивните родители.
„Ни се заканија дека нема да отидеме на екскурзија, дека ќе ни се намали поведението па дури и успехот. Некои од учениците веќе почнаа да се враќаат на настава бидејќи имаше закана и по нивните родители кои работат во државни институции“ – изјави средношколка од трета година во СУ „Методија Митевски – Брицо.“
За утре средношколците најавуваат протестен марш под мотото„Стоп за лошите реформи во образованието“, за додаваат дека веќе е уредно пријавен во полиција.
Делчевските средношколци протестираа и во текот на вчерашниот ден кога се собраа пред гимназијата и со свирежи и транспаренти меѓу кои „Доста беше молк“, „Кој, ако не ние. Кога, ако не сега“, „Не полагавте екстерно, а сега сте министри. Зошто ние да полагаме“ маршираа низ градот.
Средношколски протести денеска имаше и во Битола, а изминатиот месец протестираа средношколци од десетина градови меѓу кои Скопје, Велес, Дебар, Неготино, Куманово.