Основниот суд Делчево утврди дискриминација по основ на ментална и телесна попреченост сторена со непреземање дејствија за прилагодување на инфраструктурата и просторот и обезбедување на пристап до добра и услуги на тужителот, како лице со ментална и телесна попреченост, информираат од Македонското здружение на млади правници.
Основниот суд Делчево, врз основа на постапка поддржана од МЗМП донесе пресуда со која се утврдува дискриминација врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Судот покрај тоа што утврдил дискриминација поради пропуштање да се преземат дејствија (изградба на тротоар и рабници), го задолжил тужениот – Општина Делчево да ја отстрани повредата на правото и да ја прилагоди инфраструктурата и просторот, преку изградба на тротоар и рабници согласно техничките стандарди за пристапност на тужителот како лице со посебни потреби. Судот го задолжил тужениот да му надомести на тужителот нематеријална штета за претрпен страв и душевни болки.
Според судот, сторена е дискриминација на тужителот врз основа на ментална и телесна попреченост, што довело до нарушување и ограничување на уживање на основните човекови права и слободи.
„Оваа пресуда е од особено значење, со оглед на фактот дека е прва пресуда каде Основниот суд Делчево утврдува дискриминација со директна примена на Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и прва пресуда во Република Македонија со која се утврдува дискриминација по основ на телесна и ментална попреченост, сторена со пропуштање да се преземат дејствија за прилагодување на инфраструктурата и просторот и обезбедување на добра и услуги на лице со посебни потреби“, велат од Македонското здружение на млади правници кои ја поздравија одлуката на судот.
Правната помош и застапувањето е обезбедено од МЗМП во рамките на активностите за заштита на правата на граѓаните. Тужителот е застапуван од адвокат Јасна Аранѓеловиќ и Бојан Ѓуровски, членови на тимот на адвокати на Македонското здружение на млади правници.