Националниот младински совет на Македонија од 23 до 27 март присуствува на ЕУ конференцијата за млади, на тема „Политичко учество на младите“, која поконкретно ја третира еманципацијата на младите за политичко учество како начин за зголемување на вклученоста на младите во демократскиот живот на Европа, соопштуваат оттаму.
Европската Унија во рамките на трио претседавањето со Советот, на секои шест месеци организира конференции на кои директно се применува структурен дијалог помеѓу носителите на одлуки во ЕУ и претставници од младинските организации од Европа. И покрај тоа што Македонија не е земја членка на ЕУ, НМСМ е поканет да учествува со свој претставник на конференцијата и директно да преговара за прашања од интерес на младите.
„Иако на национално ниво не постои редовна практика и организиран процес на дијалог помеѓу младите и носителите на одлуки, правиме напори редовно да го следиме процесот на структурен дијалог на Европско ниво и да поттикнуваме истите практики да се применуваат и кај нас во Македонија“, изјави Ивана Давидовска, Претседателка на НМСМ која деновиве учествуваше на конференцијата во Рига.
Марите Сеиле, министерката за образование и наука на Латвија, земјата домаќин на конференцијата, изјави дека оспособувањето на младите граѓани да се вклучат во политичкиот и во процесите на донесување одлуки се придобивките на демократијата.
„Институциите се должни да ги остранат сите бариери кои постојат во формално и неформално младинско ангажирање“, додаде таа.
Како дел од конференцијата се предвидени дискусии на кои учествуваат делегати од цела Европа и дискутираат на теми поврзани со креирање на култура на учество во училиштата, креирање на култура на учество во училиште, вклучување на младите во процеси на носење на одлуки, подобрување на заложбите на креаторите на политки за младите луѓе, улога на младинската работа во промовирање на учество и политичко дејствување на младите луѓе, алатки кои го унапредуваат политичкото учество на младите, директна и локална демократија, подобрување на синергиите за соработка помеѓу различните актери.
„Важно е преку оваа конференција да обезбедиме балансирани заклучоци кои ќе бидат креирани преку заедничка работа на младите и претставници на институциите. Само така ќе обезбедиме и одржливост во реализација на заклучоците од страна на институциите“, истакнаа претставниците на Европскиот младински форум, платформата на младински организации во Европа, кои воедно се и главниот партнер на Европската Комисија во дијалогот за млади.
За време на оваа конференција учесниците односно, претставници на младински организации и национални младински совети, заедно со претставници на институции од земјите учеснички и од Европската комисија, ќе изготват препораки во насока на унапредување на младинското учество.
„Препораките практично ќе бидат насока за идните програмски приоритети на Комисијата, но и земјите членки и кандидати за членство во кои спаѓа и Македонија. Во таа насока, од клучна важност е да бидеме дел од овие дијалози, но и да осигураме реализирање на заклучоците со нашите институции и организации“, додаде Давидовска.
Во петок завршува конференцијата, но започнува нов циклус на консултации со млади и подготовките за следната ЕУ конференција која ќе биде предводена од претседателството на Луксембург.