Младата талентирана фотографка Лилика Стрезоска, која овој петок (27 март) ќе ја одржи својата прва самостојна изложба во кафулето „Концепт 37“, во интервју за Радио МОФ ги открива деталите за нејзините почетоци, за нејзината инспирација и за нејзината прва изложба.
Иако имаш само 20 години, а веќе активно се занимаваш со фотографија , можеш ли да ни кажеш нешто за твоите почетоци?
– Долги и широки се моите почетоци, ама со многу задоволство се навраќам на нив, несомнено, почетоците ги делам со луѓе кои веруваа во тоа што го правам. Од моите први обиди за фотографија и тоа како лесно можев да се откажам, па се до моменот кога го осеќаш оној сплет на емоции кога ќе направиш добра фотографија.
Што е она што најмногу сакаш да го фотографираш?
– Најголемо внимание ми привлекуваат настаните, свадбените прослави каде можам да „крадам“ приказни со дозвола. А исто ги сакам и оние спонтани портрети додека седам со некој на кафе муабет, го гледат апаратот повеќе, отколку мене.
„5 минути“ е твојата прва самостојна изложба.. Од каде произлегува името на изложбта, која е нејзината тема, и дали можеби имаш некоја слика што лично ти е омилена?
– Името на изложбата произлегува од една спонтана случка „Aјде, ама на 5 мин сликање…“ и токму таа фотографија ми е омилена. Се зборува за еден хаос од случки, некои кои траат 5 мин, други кои траат и година дена.
Студентските протести беа нешто што беше доста активно во општеството во изминатиов период.. Дали си и ти студент или можеби беше вклучена во студентските протести како фотограф?
– Студент сум на филолошкиот факултет „ Блаже Конески“ , учествував и фотографирав на протестите. Уживав додека фотографирав за време на Автономна зона, тука ги има оние 5 минути на рандом моменти.
За да се бавиш со фотографија е потребно и добра опрема.. Дали е скапо да се биде фотограф во Македонија?
– На тие кои фотографијата им е само хоби, можат да користат и поевтина опрема. Но, доколку некој одлучи да се бави професионално неопходно е да се има добра, квалитетна, што значи скапа опрема. Ако споредиме со заработката која ја има во другите земји, тогаш може да се каже дека е скапо.
Што е она што те инспирираше да станеш фотограф ? Дали имаш омилен фотограф на странската или можеби на македонската сцена?
– Емоциите на луѓето, фотографијата не лаже никогаш. Бескрајно ги обожавам фотографиите на Zewlean Icarius (Димитар Апостолов), единствен е.
Дали во иднина имаш во план да продолжиш да се занимаваш со фотографија како до сега?
– Апосолутно да, фотографијата е дел од мене.
Моника Кочовска