Денеска се навршуваат две години од смртта на новинарот и сопственик на Фокус, Никола Младенов, кој загина во сообраќајна несреќа на влезот од Скопје, ноќта помеѓу 26 и 27 март 2013 година.
Младенов е роден на 10 март 1964 година во Скопје. Тој како новинар се афирмира во периодот на распаѓање на СФРЈ, како главен и одговорен уредник на „Млад борец“ кој ги отвора своите страници за теми и личности што биле во неформалната „црна листа“ во македонското новинарство. Во 1995 година Младенов го основа магазинот „Фокус“, критички настроен кон секоја власт, во кој под негово водство минаа речиси сите главни пера на македонското новинарство.
За новинарската заедница и јавноста, Младенов важеше за еден од ретките независни новинари, борец за правдата, слободата и вистинската демократизација на Македонија. Новинарите од Фокус го опишуваат како еден вистински рицар на слободоумното новинарство.
Наградата за најдобра истражувачка сторија на годината која ја доделува Македонскиот институт за медиуми, е именувана „Никола Младенов“ во негова чест.
Две години по неговата смрт, неделникот Фокус денеска излезе со насловна страница „Нема бегање од нова истрага“.
„Поминаа две години од трагичната, чудна, контроверзна и мистериозна сообраќајна несреќа во која загина основачот и сопственик на „Фокус“, Никола Младенов, најслободоумниот и безмерно најхрабриот новинар, борец за слобода, демократија, вистина и правда. Домашната, но и меѓународната јавност, сѐ почесто и погласно продолжува да бара завршената истрага – да се истражи!“, пишува Фокус.
На следниот линк преземете го бесплатното издание посветено на Младенов, кое вонредно беше објавено на 29 март 2013 година.