Талентираната 20-годишна фотографка Лилика Стрезоска вчера вечер во просториите на „Концепт 37“ ја одржа својата прва самостојна изложба „5 минути“. Сензуалните актови кои беа насегкаде во просторијата, ги оставија посетителите без здив, а „5-те минути“ на Лилика само што започнаа.
-„5 минути“ е изложба која се случи пред година дена, што значи дека изложбата ја мислам и ја спремам веќе година дена, од една спонтана случка како „Ај на 5 минути сликање“, и секоја слика произлезе од првата фотографија, вели Стрезоска.
Изложбата ја отвори Ирена Мила, а како што вели Стрезоска, секоја слика претставува одредена личност и секоја слика има своја приказна.
– Темата на изложбата се актови, позади секоја слика се крие одредена личност, и секоја слика има своја приказна. Се работи за хаос од моменти, хаос од личности и хаос од случки кои јас успеав да ги преточам во една фотографија.
Почетоците на Стрезоска како што вели таа се долги и широки, а најголемо внимание и привлекуваат настаните каде што може да „краде“ приказни со дозвола, а она што најмногу ја инспирирало да стане фотограф, се емоциите на луѓето.
Моника Кочовска