Со повеќе од педесет настани од регионален и интернационален карактер организирани изминатиот период, културниот центар „Кула“ во среда (1-ви април) ќе прослави една година од своето постоење.
Идејата за „Кула“ се роди во еден стар чаршиски ан кој го трансформиравме во комплекс од десетина ателјеа каде се користеа техниките на сликарство, графика, анимација, накит, а тука беа и „Храна, а не Оружје“, се потсетува на почетоците на културниот центар Сандра Јовановска од „Кула“.
„ Откако солидарно го напуштивме просторот решивме да продолжиме да делуваме како колектив, меѓутоа сакавме да ја споделиме нашата креативна дејност со градот. Оттаму се роди идејата за „Кула“, како отворено место за интегрирање и развој на нови идеи кои ќе го движат динамичниот дух на градот. Една година подоцна се покажа дека на градот очајно му се потребни алтернативни места за дружење, каде луѓето од независната сцена ќе имаат прилика да ги вмрежат своите контакти и искуства“, вели Јовановска за Радио МОФ.
Роденденскиот настан ќе започне во 20.00 часот, а во прилог на роденденската прослава, посетителите ќе имаат можност да ја погледнат ретроспективната изложба од плакати, фотографии и видеа од целокупната едногодишна програма на „Кула“, како и дел од содржините кои ги подговувале изминатата година.
„Најголемиот предизвик со кој се соочуваме е организацијата на настаните и посредството со публиката. Се стремиме кон воведување на концептот на независен културен центар во Скопје. Повеќето луѓе не се навикнати на принципот на донација и имаме проблем со посочување дека тоа е витален дел од нашето делување. Пред се, бидејќи сметаме дека уметничкиот производ има цена, а во Кула тоа е цена која самиот консуматор ја одредува, така што работите се доста поедноставени. Меѓутоа се надеваме дека понатаму ќе стекнеме верна публика која ќе го цени нашето волонтирање и квалитетот на нашиот програм и ќе ја препознае таа вредност.“ вели Јовановска.
Културниот центар, додава Јовановска, настојува да го сплоти креативниот дух на градот и да ја реанимира независната уметничка сцена. Програмата на „Кула“ претставува отворен повик за сите потенцијални и етаблирани творци, уметници, автори и здрженија, кои преку заедничко дејствување ќе создадат платформа за промоција и интеграција на културните вредности. „Кула“ функционира на на принцип на самоодржливост, а настаните кои се одржуваат, пијалоците и храната кои се служат, функционираат на база на донација.
„Настојуваме активностите во „Кула“ да го овоплотат креативниот дух на градот и да ја реанимираат независната уметничка сцена. Програмата на местото е отворен повик за сите потенцијални или етаблирани творци, уметници, автори и здруженија да ги вмрежат своите дејствувања во обид да се создаде заедничка платформа за промоција и интеграција на културните вредности“, посочуваат од „Кула“.
Моника Кочовска