Предметот математика нема да биде задолжителен за сите ученици во средните училишта, туку само за учениците кои се запишани во гимназиско образование и кои на крајот од втората, односно почеток на третата година од средното образование, го одбрале природно – математичкото подрачје.
Ова од Министерството за образование и наука денеска беше соопштено откако раководството на МОН се сретна со Унијата на средношколци на Македонија.
За гимназијалците пак кои го одбрале општествено – хуманистичкото подрачје, како и за сите ученици од средните стручни училишта, математиката ќе биде предмет со можност за избор, покрај странскиот јазик и ќе се полага само ако ученикот го одбере, согласно личната волја, убедување и афинитети. За гимназијалците коишто го одбрале јазично – уметничкото подрачје, задолжителни предмети ќе бидат мајчиниот и странскиот јазик.
На средбата, според МОН, се постигнало согласност во следниот период министерството да достави писмо до сите факултети од областа на техничките науки, со кое ќе им препорача, приоритетност во уписните политики, односно селекцијата, да имаат кандидатите коишто на државна матура го одбрале и го положиле предметот математика.
Оваа средба во МОН се случува пред утрешниот голем средношколски марш во Скопје, а по бројните средношколски протести кои се одржаа во десетина градови, организирани од Средношколскиот пленум со барање за враќање на стариот концепт на државната матура и укинување на екстерното тестирање. Иако им беше ветена средба во МОН, од Средношколскиот пленум преку својот блог информираа дека надлежните се недостапни за нив и тие не биле поканети на средбата.
„Повеќе од 10 дена никој не крева слушалка… Повеќе од 10 дена не се појавува НИТУ ЕДНО овластено лице да не извести за било какви новости. Сметаат дека сме млади, наивни и лесни за манипулирање. Со ваквиот чин господа, покажавте колку ви е грижа за квалитетот во средното образование,“објави вчера Средношколскиот пленум најавувајќи го утрешниот протест во Скопје.
Денеска реагираше и Средношколски пленум Битола, според кои Средношколската унија „требала да се потруди да биде помалку сомнителна“.
„Паметни дечки сте вие. Браво за брзото дејствување, навистина, доста брзо успеавте да договорите средба со МОН и да ги добиете вашите барања, но, имаме една малечка забелешка: требаше да се потрудите да бидете помалку сомнителни. Почитувана Средношколска Унијо, или како и да се декларирате, нема да потенцираме кои сте и кој стои зад вашата унија, излишно е. Поднесовте барање кое го крати ПРАВОТО НА ИЗБОР на вашите другари и другарки кои одбрале природно-математички смер со цел мнозинството да “се спаси” од математиката и Средношколски Пленум тоа најстрого го осудува“, реагираат од Средношколскиот пленум од Битола.