И прилепските средношколци против новиот концепт на државна матура

Стотина средношколци од Прилеп денеска за првпат излегоа на протестен марш во центарот на градот, поддржувајќи ги нивните соученици во Скопје и Куманово. Тие го изразија своето незадоволство од актуелниот модел за полагање на државна матура, објави порталот 10bez10.

Прилеп

Протестот започна од камената бина на плоштадот Александрија во центарот на Прилеп, каде се собраа стотина средношколци од повеќе средни училишта, поддржани од неколку професори.

Прилеп

„Ваквиот игнорантски однос на владата кон нас средношколците за нас е неприфатлив. Никој нема право да преговара во наше име за формата на полагање на државна матура. Средношколската унија ниту нѐ застапува нас, ниту нашите интереси, ниту ги претставува нашите ставови. Вчерашните нивни разговори со претставници на Владата и Министерството за образование за таканареченото укинување на државната матура, се најобична фарса и манипулација. Ние како седношколски пленум остануваме на ставот, дека треба да се врати стариот модел на полагање матура, како и за промена на законот за полагање на државна матура. Нема да дзволиме да експериментираат со нас“, изјави Андреја Димитриоска, ученичка во средното хемиско училиште во Прилеп.

Прилеп

„Немаме сите исти желби, не сакаме сите да се запишиме на градежен или на природно-математички факултет, некој на пример сака да се запише на ликовна академија, некој на уметност, така што нема потреба сите задолжително да полагаат математика“, изјави Филип Петроски, ученик во средното медицинско училиште во Прилеп.

Прилеп

Прилепските ученици се пожалија на притисоци од директорите на училиштата, кои им се заканувале и ги уценувале за да не излезат на најавениот протест, но велат дека имало и заклучени врати.

Прилеп