Средношколците најавуваат можен бојкот на наставата се додека раководството на Министерството за образование не ги прими на средба претставниците на Средношколскиот пленум. Вчера беше бојкотирана наставата во скопските гимназии „Орце Николов” и „Кочо Рацин”, а бојкотот следната недела ќе се прошири и низ повеќе градови во земјава, при што наместо на часови, учениците ќе организираат вонучилиши активности.
Ваквите најави доаѓаат по вториот генерален средношколски марш во Скопје во средата, кога и покрај барањата не беше обезбедена средба на МОН и Средношколски пленум. Иако беа примени двајца претставници на Пленумот и им бил даден контакт од кабинетот на заменик-министерот Спиро Ристовски, со насока да се јават во рок од еден час за да договорат средба, како што информираат средношколците, бројот бил погрешен.
Тие се револтирани и од средбата помеѓу МОН и претставници од Средношколската унија, чиј статус е неактивен со години, и не ги прифаќаат нивните барања со кои математиката на матура ќе остане задолжителна за гимназијалците од природно-математичките смерови.
Барањата на Средношколски пленум се поинакви, тие сакаат враќање на стариот концепт на полагање на државна матура, како и ставање во мирување на екстерното тестирање.