Неизвесна е изградбата на мостот-градина во Лондон

Плановите за изградба на новиот зелен мост-градина во Лондон се злоупотреба на фондовите, велат критичарите на проектот. Со вредност од 175 милиони фунти, проектот поддржан од страна на градоначалникот на Лондон, Борис Џонсон, беше проектиран како чудесна зелена оаза која ќе лебди над Темза. Сепак, противниците и локалното население не се убедени во исправноста на ова решение, јавува Гардијан.

Мостот беше најавен како потенцијално архитектонско чудо, како коридор од зеленило над Темза, но со ескалацијата на реакциите сега постои закана за пропаѓање на планот за чудото вредно 175 милиони фунти. Пред решавачката судска ревизија на проектот, најавена следниот месец, локалните активисти против мостот повикаа на парламентарна истрага за „злоупотреба на јавните средства”, по наводите дека средствата било ветено дека ќе бидат целосно платени од страна на приватни спонзори.

Засега, градоначалникот на Лондон Борис Џонсон и канцеларот Џорџ Озборн, ветија 30 милиони фунти јавни пари за проектот, игнорирајќи ги прашањата во однос на тоа дека објектот ќе стане приватно управувана туристичка атракција, наместо мост. Деталите за работата на овој мост покажуваат дека има ограничувања на големината на групите, а укажува и на тоа дека би можело да се воведе систем на билети. Мостот ќе биде затворен еднаш месечно за корпоративни настани, како и помеѓу полноќ и 6 часот наутро. Плановите исто така не вклучуваат одредба за велосипедистите.

И Џонсон и Озборн беа обвинети дека го заобиколуваат протоколот со тоа што го санкционираат користењето пари на даночните обврзници, обично наменети за вложувања во јавниот транспорт, со што ќе добијат милиони. Зелениот мост се споменува и во заклучоците на неодамнешната истрага за јавни набавки од страна на собранието Лондон, каде се  препорачува дека во замена за 30 милиони фунти за финансирање на мостот, јавноста во најмала рака треба да има слободен пристап до мостот.

Мостот, исто така, се чини дека ја губи поддршката од еколозите, кои се скептични  кон „прекрасната оаза на смиреност во срцето на нашиот град“, на лондонскиот градоначалник. Вклучувањето на контроверзната рударска компанија Гленкор, како спонзор на мостот разочара многумина, поради што дел од поддржувачите ја повлекоа својата поддршка за проектот.

Активисти се надеваат  дека плановите за мостот ќе бидат повлечени. Во секој случај, неговата иднина е неизвесносна.

„Ова би можел да биде еден од најинспиративните мостови во светот; или би можел да биде бел слон“, вели претседавачот со комисијата за буџет во Лондон, Џон Бигс.