Националниот младински совет на Македонија- НМСМ, излезе со реакција за последните случувањата поврзани со новите измени на правилниците за полагање на државна матура и средношколското самоорганизирање. Ставот на НМСМ по повод моменталното средношколско организирање во Македонија го пренесуваме интегрално:
„Поттикнати од најновите случувања поврзани со измените на законот за средното образование, НМСМ како најголема чадор организација во Македонија во чиј фокус се младинските прашања и политики одлучи да истапи јавно со свој коментар.
НМСМ дава целосна поддршка на барањата на Средношколскиот пленум и апелира до институциите да ги земат предвид нивните барања преку форма на дијалог и целосна вклученост во процесите на креирање политики.
Потребно е да се вложат напори за воспоставување на директна комуникација со организираните форми, а во отсуство на национално тело за организирање на средношколци, тоа се пленумите кои се јавуваат како единствени позначајни облици на здружување во средношколските заедници.
НМСМ изразува длабоко разочарување за начинот на кој беа предложени и донесени измените во законот за средното образование и недостигот на суштинска и опсежна консултација со средношколците кои се најзасегната страна.
Според Европската повелба за учество на младите во локалниот и регионалниот живот, властите мора да обезбедат простор за формирање на самостојни, независни здруженија на ученици и студенти, кои ќе имаат целосно право да учествуваат во одлучувањата за училишниот живот и ќе бидат континуирано консултирани за локални и национални политики кои се од интерес за нив и кои навлегуваат во нивните права.
Во Декларцијата за права на средношколците, усвоена од ОБЕССУ во 2006, се наведува: „Средношколците мора да имаат право на собир, штрајк, демонстрации и изразување на мислењето во и надвор од училиштето. За сето тоа мора да се даде слобода без последователни санкции“. Во таа насока сметаме дека училиштата и државните органи треба да се тие кои ќе ги гарантираат сите човекови права во Македонија и ќе се грижат на ниеден начин и по ниеден основ тие да не се прекршуваат.
Со оглед на тоа што во минатиот период на многу начини беа прекршени правата на средношколците (притисоци на училиште, затворање на образовните институции, објавувањето на постери со клевета и навреда кон средношколците) сакаме да нагласиме и да ги повикаме одговорните институции во иднина да ги заштитуваат правата на средношколците и да преземаат акции и активности кои ќе го оневозможат или ќе го казнат секој оној кој што ќе ги злоупотреби или повреди детските права.
Еден од најважните стратешки приоритети на Национален младински совет на Македонија е унапредување на положбата на младите во општеството преку промоција и дејствување во насока на зајакнување на младинското учество во процесите на донесување одлуки и промоција на младински активизам, младинско информирање и активно граѓанство помеѓу младите. Токму затоа сметаме дека сите средношколски форми на организирање треба да бидат вклучени во процесот на креирање и менување на средношколските политики.
При креирање на политики кои се однесуваат на младите, нивната целосна вклученост во целиот процес и континуирана консултација е поважна цел од креирањето на самата политиката.
Младинското организирање, вклучително и средношколското мора да биде базирано на принципите на учество и вклученост од дното па нагоре, што подразбира дека институциите треба да ги земат предвид барањата и ставовите на младите кои се самоорганизирале и кои покажале репрезентативност и подготвеност аргументирано да ги застапуваат своите барања.
Во изминатиот период се предложија многу сериозни реформи во образовниот процес на сите нивоа во Македонија, но истите наидоа на голем и сериозен отпор и аргументи од страна на сите засегнати страни. Токму затоа сакаме да укажеме на значењето кое го имаат претходно изготвените анализи и на опширните консултативни процеси со сите засегнати страни за секоја реформа која треба да се имплементира. Само со ваков сериозен пристап на претходно анализирана состојба, предлози и препораки од сите страни, можеме да се осигураме дека идните реформи ќе бидат квалитетни и прифатени од страна на сите и ќе одговараат со вложување за унапредување на македонскиот образовен систем.
Во оваа прилика изјавуваме дека стоиме на располагање на сите средношколци и млади, засегнати од случувањата или кои веруваат дека нивните права се прекршени, кои би можеле да ни пристапат за совет, поддршка и консултација. Исто така, стоиме на располагање и на надлежните институции со нашето искуство да обезбедиме простор за дијалог, соработка и инклузивност на сите засегнати страни.“