Средношколците од средното општинско училиште „Јане Сандански“ во Струмица се приклучија во генералниот бојкот на наставата што го организира Средношколскиот пленум, пренесува Струмица Нет.
Средношколците велат дека го радикализираат своето незадоволство од новите промени за кои сметаат дека се непотребни и нема да го подобрат квалитетот на нивното образование.
Учениците од ова училиште наместо формална настава, денеска имаа свирка во живо, одржаа дебата, спортски активности во салата по физичко, алтернативни предавања, но без професорите. Средношколците велат дека ги поддржуваат барањата на Пленумот, да биде вратен стариот концепт на полагање матура, како и да се укине екстерното тестирање.
„Веќе два месеца уредно ги следиме процедурите за изразување на незадоволството, но не наидовме на разбирање од надлежните институции, на повикот за дебата, на желбата за компромис, или пак, едноставно сослушување. Затоа со денешниот бојкот на наставата го радикализираме нашето незадоволство од новите промени за полагање на државната матура за кои сметаме дека се крајно непотребни, безкорисни и нема да го подобрат квалитетот на нашето образование“, велат од Средношколскиот пленум во СОУ „Јане сандански“.
Тие од денеска им се придружуваат на своите соученици од Скопје, Тетово, Велес и Охрид. Со оглед на тоа дека бојкотот започна да се шири, Средношколскиот пленум на својата официјална Фејсбук страница објави интерактивна мапа. Така што, секој средношколец кој сака да пријави дека се бојкотира во неговото средно училиште можа да ја ажурира.