„SEE a Paris“ – Фестивал на кинематографиите од Југоисточна Европа

Петтиот Фестивал на кинематографиите од Југоисточна Европа „SEE a Paris“ ќе се одржи од 12-ти до 16-ти април на повеќе локации во Париз, а свечено ќе биде отворен во театарот „Ле Палас“ со претставата „14 часа” на Македонскиот балет.

На отворањето ќе бидат доделени и почесни награди, меѓу кои на актерот Раде Шербеџија и на театарскиот режисер Патрик Вершурен. Жирито на фестивалот ќе го предводи познатиот француски режисер Ив Буасе.

Во текот на петте фестивалски дена ќе бидат прикажани најнови филмски остварувања од Југоисточна Европа, а најавени се и повеќе настани како портрет на режисерот Влатко Гилиќ, поетско-литературна вечер „SEE a Paris – Paris a SEE”, музички настап на „Кумановски тамбураши“ и Нино Величковски, предавање на режисерот Никола Вукчевиќ и тркалезна маса на тема „Европеизација на Балканот или балканизација на Европа”.

Фестивалот се одржува во организација на асоцијацијата „SEE a Paris“ и Универзитетот за аудиовизуелни уметности од Скопје, под покровителство на УНЕСКО и во партнерство со Монтенегро филм фестивал и повеќе европски и регионални институции, а поддржан од Министерството за култура на Црна Гора, Агенцијата за филм на Македонија и од неколку македонски компании.