Пролетното сечење на преостанатите дрвја во центарот на Скопје продолжува со засилено темпо и за велигденските празници – денеска екипи на „Паркови и зеленило“ ги исекоа сите дрвја на улицата „11 октомври“ во строгиот центар на градот, наспроти некогашен ЗОИЛ.
Поради неработниот ден, во Град Скопје не можеше да се добие објаснување зошто се сечат дрвјата. Деновиве сечењето на зеленилото во центарот повторно беше актуелно, а образложението од Град Скопје беше дека се сечат стари и заболени дрвја. Најпрвин беа исечени боровите кај зградата на Владата, а потоа и двата диви костени пред ресторанот „Пелистер“ на плоштадот „Македонија“, на чии остатоци непознат уметник нацрта солзи . Претходно, поради изградба на плоштадот, беше исечен целиот дрворед од страната на МЕПСО.