Студентскиот пленум повторно најавува студентски марш за поддршка на Средношколскиот пленум . Маршот на студентите ќе се одвива паралелно со оној на средношколците со тоа што студентите во четврток напладне тргнуваат од платото на УКИМ, кон Владата, па се до Министерството за образование.
„Веројатно многумина од вас ќе се запрашаат зошто токму марш? Зошто не само поддршка по социјалните мрежи и преку соопштенија за јавност?
Затоа што сме дел од еден заеднички образовен систем. Затоа што овие ученици се нашите идни колеги, нашите браќа, сестри, братучеди, комшии, другари. Затоа што со овие ученици утре треба да градиме заедничка иднина. Затоа што исто како и нас, никој не сака да ги слушне.
Студентскиот пленум одново се одважи да застане во одбрана на образованието и ги поддржува средношколците во нивните барања! Затоа да излеземе заедно со нив и да ја покажеме моќта, цврстината и заедништвото на идните генерации. Бидејќи во една прилика кажавме: ако замолчиме сега, засекогаш ќе нѐ болат устите!“, велат од Студентскиот пленум.
Средношколците пак според најавите во четврток напладне ќе се соберат кај фонтаната во Градски парк, а ќе маршираат до МОН со барање да запрат лошите реформи во образованието.