Илјадници средношколци, студенти, професори, наставници и граѓани, денеска го одржаа досега најмасовниот марш против новите реформите во образованието.
Средношколците информираа дека ќе следи радикализација на нивните активности доколку во следните денови не се одржи средба со ресорниот министер. Тие најавија дека ќе кампуваат во Паркот на новинарите, кој се наоѓа веднаш спроти зградата каде се наоѓа Министерството за образование и наука.
„Ние тука ќе бидеме присутни 24 часа и со ова сакаме да покажеме дека сме спремни во секој момент да дојдеме на средба бидејќи ние, пред се, се бориме за подобро образование, а не за бојкот на настава“, рече средношколецот Борјан Ефтимов.
Студентите и средношколците имаа различни збирни места на денешниот марш, но заедничка парола – „Стоп за лошите реформи во образованието“. Студентите се собраа пред платото на УКИМ, додека средношколците кај Градски парк, за на крајот да се спојат пред Владата каде порачаа дека образованието со секој изминат час се повеќе и повеќе се распаѓа.
Демонстрантите пред Владата одржаа перформанс во чест на убиените студенти од Кенија, кои загинаа во терористички напад организиран од вооружените лица на милитантската група Ал-Шабаб.
По перформансот, средношколците и студентите продолжија да маршираат кон Министерството за образование и наука.
„Свесен ли сте господине министер дека со вашите намерно лоши, наметнати и слабо анализирани реформи, нè бркате од сопствената држава? Свесни ли сте дека нè правите дел од зачудувачката и застрашувачката бројка на иселени млади луѓе од државава? Свесен ли сте за тоа, и дали знаејќи ги овие факти, мирно спиете дома и во дупката во која се криете? 12 дена средношколците ја бојкотираат наставата , 12 дена тие ве повикуваат на средба за да ги слушнете нивните аргументи. 12 дена губат настава по Ваша вина, бидејќи знаете, тој немал време во неговата агенда да се сретне со нив. Па, за што имате време господине?“, запраша еден од средношколците пред зградата на МОН.
Средношколците добија огромна поддршка од Студентски пленум. Студентите сметаат дека барањата на средношколците се легитимни. Тие го препознале игнорантскиот однос на надлежните и сметаат дека не може да има квалитетно високо образование ако нема квалитетно средно образование.
„Сите сфатија дека без добар образовен систем, без образовен систем кој ќе не учи да бидеме граѓани, наместо послушници, кој ќе не учи да критикуваме, наместо слепо да аплуадираме. Без образовен систем кој ќе не учи и кој ќе ни нуди знаење, наместо клик, никогаш нема да имаме општество од сосвесни граѓани, туку како што кажа Никола Младенов, ќе бидеме една „збирштина од безрбетници“. Бидејќи не ни оставивте систем во кој образованието е столб наместо стиропор, ние тука бараме да се одважите и да излезете да ги чуете нашите барања бидејќи одлучивме ние заедно со средношколците да се бориме за подобро утре и за нови политики кои ќе бидат креирани од сите за сите. Заедно сме посилни!“, рече студентот Василие Стојановски.
Иако огромната толпа собрана пред зградата на МОН неколку минути повикуваше да излезе некој од министерството, не се појави никој да ги прими на средба. Сепак, средношколците, како и студентите, велат дека не се откажуваат од барањата за подобро образование.
„Сакаме поголеми инвестиции во образованието, бенефиции за студентите и средношколците. Не сакаме корупција, не сакаме тирании да ја кројат свеста на младите. Сакаме општество без режирани поделби од кои тиранијата ја црпи силата, сее страв, така отргнувајќи го нашето внимание од реалните проблеми кои ги создала“, посочи средношколец.
Освен средношколци и студенти, во маршот учествуваа и голем број на наставници кои во првите редови застанаа со своите ученици. Но, дел од нив сакаа да останат анонимни, бидејќи како што велат, се плашат да не бидат избркани од работа.
„Вие сте свежината во земјата, вие сте ветрот којашто ги носи промените. Од вас заживува нова земја. Од вас се раѓа надежта кај сите. Наместо ние досега постарите да ве учиме дека граѓанската должност е секогаш да се каже јасно и гласно кога нешто не е во ред, туку молчевме грижејќи се само за нашиот комодитет и конфорт. Вие ни ја одржавте вистинската лекција, не разбудивте, ви благодарам од името на сите кои знаат што е да се биде професор“, се обрати пред присутните професорот Душко Стојановски.
„Тој што донесол ваква одлука, треба да се врати да го проба тој како изгледа. Значи тој последните испити ги нема положено, а сега зборува за овој критериум на матурантите. Апсолутно не се согласувам. За притисоците, некои имаат поголема храброст да успеат и да излезат, а некои од преголем притисок од своето работно место или од оправдание причини не можат да излезат и не можат да ги поддржат, а мислам дека во душата и со срце апсолутно им даваат поддршка на младите“, изјави за Радио МОФ наставничка која сакаше да остане анонимна.
Со паролите „Не си го реформирај образованието министре“, „Еrror 404 sredba not found“, „И ние ли ќе бидеме заменети“ средношколците уште еднаш побараа враќање на стариот начин на полагање на државната матура, како и укинување на екстерното тестирање. Од Министерството за образование и наука и денеска молк за протестите и барањата на средношколците.
Емилија Петреска
Ирена Чаушки