Продуцентската куќа КРУГ ФИЛМ, во рамки на затворањето на Скопскиот Филмски Фестивал, вечерва премиерно ќе го претстави краткиот игран филм „КАРМА” во режија на Владимир Митревски. Премиерата е закажана за 20 часот во киното Милениум.
„КАРМА” е кратка приказна за неколку човечки судбини кои меѓусебно се преплетуваат, се вели во описот на филмот. Централна фигура е Боби (Димитрија Доксевски) млад човек и татко, чие дете боледува од тешка болест. Неговата цел е по секоја цена да обезбеди средства за да може да го спаси својот син и поради тоа прифаќа да учествува во грабеж на банка, воден од неговите пријатели Мичо (Милан Тоциновски) и Бугар (Аксел Мехмед), сметајќи дека тоа е единствениот начин за излез од ситуацијата во која се наоѓа.
Останатите улоги ги толкуваат Симона Спировска, Дениз Абдула, Александар Михајловски, Ненад Нацев, Владимир Петровиќ, Симон Манасковски, Калин Крајчевски и Владимир Митревски.
Продуцент на „КАРМА” е Дејан Крајчевски, директор на фотографија Наум Доксевски, монтажер Филип Грчевски, дизајнер на звук Зоран Поповски, сценограф Мартин Спасовски, костимограф Раде Василев и шминкер Мартин Павловски.
Филмот е поддржан од Агенцијата за Филм на Република Македонија, а како копродуценти се јавуваат: Факултетот за драмски уметности од Скопје, Video House, Light Production, Аудио Хаус, Pigmento Studio од Скопје, како и Living Pictures од Белград.