Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ годинава ќе се одржи од 18 до 27 септември. Наместо седум, фестивалот ќе трае десет дена со збогатена програма. Мотото на фестивалот годинава е „Филмот е убав“ (Film Is Beautiful). Директорот Димитар Николов, на денешната прес конференција информираше за двете нови програми што ќе бидат вклучени на фестивалот, „Нов европски филм“ и „SЕЕ Camera“.
„Програмата „Нов европски филм“ ја воведуваме со цел да привлечеме млади филмски автори кои своите први филмови би ги прикажале премиерно, а на фестивалот би му овозможиле нови можности за финансирање од европските фондови, како и побрза категоризација . За оваа програма ќе се грижи селекторот Дејан Трајкоски. Со програмата „SEE Camera“ сакаме да ја промовираме работата на авторите и кинематографите од Југоисточна Европа, а за неа ќе се погрижи Саша Станишиќ“, изјави Николов.
На оваа конференција за печат беше објавено и продолжувањето на успешната соработка со официјалниот партнер на Фестивалот – Вип оператор, компанија која по шести пат се вклучува во поддршката на ИФФК „Браќа Манаки“.
Интернационалниот Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ се одржува секоја година во Битола, организиран е од Друштвото на филмските професионалци на Република Македонија. Стожер на фестивалската програма е категоријата„Камера 300“ – официјалниот натпревар на долгометражни филмови од најновата европска и светска продукција. Директорите на фотографија на филмовите кои учествуваат во оваа категорија добиваат Златна, Сребрена и Бронзена камера. Составен дел од фестивалот е и документарната програма. На „Браќа Манаки“ се организираат и работилници, семинари, промоции и изложби. Фестивалот доделува и Награда за животно дело. Со својата впечатлива програма, која од година в година станува сѐ побогата, Фестивалот е атракција, како за филмаџиите така и за филмофилите од целиот свет.