Книжевно читање на поезијата на Лидија Димковска во препев на германски јазик од Александар Сицман ќе се одржи денеска во Грац, во рамките на научната конференција „Меѓу европските интеграции и национализмот – мрежи без граници”.
Со Димковска, за нејзините книжевни и културни предизвици ќе разговара Маша Дабиќ, новинарка од областа на културата во австрискиот дневен весник „Стандард“.
Конференцијата во Грац која трае од 4 до 6 мај, се одржува 44-ти пат во организација на Асоцијацијата на библиотеки и центри за документација на југоисточните европски студии во соработка со Центарот за европски студии на Универзитетот во Грац, Градската универзитетска библиотека, преведувачката мрежа Традуки и Асоцијацијата на Југоисточна Европа со седиште во Минхен. На конференцијата учествуваат бројни научници од областа на славистиката, академици и професори од Русија, Полска, Украина, Германија, Австрија, Швајцарија, Летонија. Тие дискутираат за културните политики, образованието, библиотекарството, геополитиките и славистиката во Европа.
Во рамки на конференцијата се организира и книжевно читање со избран поет-гостин.