По повод одбележувањето 110 години од раѓањето на македонскиот композитор Стефан Гајдов (1905 – 1992), Факултетот за музичка уметност во Скопје, организира концерт во чест на овој музички деец.
Концертот е насловен „Од хорското творештво на Стефан Гајдов“ и ќе се одржи во петок (8 мај), во Фоајето на Македонската опера и балет, каде мешаниот хор при Факултетот предводен од професорот – маестро Ивица Зориќ, ќе изведе повеќе хорски композиции од овој автор.
Концертот е со почеток во 19 часот, а влезот е слободен.
Македонскиот композитор Стефан Гајдов со своето творештво дал значаен придонес во развојот на македонската музичка култура и уметност. Најголем дел од неговиот опус заземаат хорските композиции, кои најчесто во себе го носат духот на македонскиот народен мелос.